Mакедонските ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски останаа без можност да судат на Европското првенство (ЕП) кое се игра од 15 јануари до 1 февруари, откако ЕХФ ја повлече нивната номинација.
Од Европската ракометна федерација соопштија дека за време на подготовките за ЕП, сите судиски двојки мора да ги исполнат барањата и да поминат фитнес тест.
Начевски и Николов се обвинети од Куќата на ракометот дека наводно го лажирале фитнес тестот и поради тоа се суспендирани од претстојното ЕП.
-Овој процес е осмислен со цел да се обезбеди физичката подготвеност на судиите и нивната усогласеност со перформансните стандарди на турнирот. Тој вклучува доставување на две видео-снимки од т.н. „Мултистејџ фитнес тест“ – едната направена осум недели, а другата четири недели пред почетокот на ЕХФ ЕУРО. Снимките ги оценува фитнес-партнерот на ЕХФ, компанијата Fitgood Pro. По доставувањето на видеата од страна на Николов и Начевски, Европската ракометна федерација кон крајот на декември беше известена дека поднесените снимки можеби биле изменети и дека не претставуваат веродостоен и целосен запис од тестот. Поради тоа, ЕХФ го подложи материјалот на дополнителна анализа од експертите на „Фитгуд Про“, а снимките беа предадени и на интегритетниот партнер на федерацијата, објавија од ЕХФ.
Од ЕХФ најавија дополнителна истрага, по што ќе објават детали.