Грција изразила подготвеност да прими повредени од трагедијата во Кран-Монтана, како одговор на барањето на Швајцарија до европскиот механизам за цивилна заштита за хоспитализација на лица со изгореници, брифираат грчки дипломатски извори за медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Државната новинска агенција АНА-МПА пишува дека првично, Швајцарија избрала пациентите да се префрлат во соседните земји поради географската близина и јазикот, а Министерството за надворешни работи на Грција во соработка со Министерството за здравство и цивилната заштита, „остануваат подготвени во случај на ново барање од Швајцарија“.
Во пожарот во Кран-Монтана загинаа најмалку 40 лица, а 115 се повредени, а меѓу исчезнатите, според грчките медиуми, е и 15-годишна Гркинка која живее во Швајцарија.
Нејзиниот брат на социјалните мрежи објавил фотографија и апел доколку некој ја видел или знае нешто да стапи во контакт со него, со оглед на тоа што немаат никакви информации за девојчето од моментот кога избувнал пожарот.
Грција, по трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, понуди помош до нашата земја и во болниците во Солун и Атина беа хоспитализирани 12 повредени со изгореници.