Додека се подготвувате за Нова Година, со нови одлуки и надежи за иднината, еден необичен обичај привлекува сè повеќе внимание. Станува збор за јадење 12 зрна грозје точно на полноќ, традиција што потекнува од Шпанија, каде што е позната како „uvas de la suerte“ или „грозје на среќата“.
Иако овој ритуал до неодамна беше непознат надвор од Шпанија, во последниве години, благодарение главно на социјалните мрежи како што е ТикТок, стана популарен низ целиот свет.
Грозје за среќа за 12 месеци
Се верува дека овој обичај носи среќа и просперитет во наредната година. Правилата се едноставни, но предизвикувачки: со првото отчукување на часовникот што означува полноќ, треба да го изедете првото грозје, а потоа да продолжите со по едно зрно грозје за секое следно отчукување, до дванаесеттото.
Секое зрно грозје симболизира еден месец во новата година. Ако успеете да ги изедете сите 12 на време, ќе имате среќна година. Ако не, според верувањето, среќата може да ве одмине.
Интересно е што модерните трендови на социјалните мрежи додадоа нов елемент во традицијата – седење под масата додека јадете грозје, што не е дел од оригиналниот шпански обичај.
Корените на традицијата
И како воопшто се појавил овој необичен обичај? Историјата датира од 1880-тите во Мадрид, каде што богатите семејства, по примерот на француската буржоазија кои ја дочекале Новата година со шампањ и грозје, биле првите што го прифатиле овој обичај.
Сепак, традицијата се проширила низ цела Шпанија дури на почетокот на 20 век, и тоа од многу практична причина. По исклучително богата жетва, лозарите од Аликанте откриле како да се ослободат од вишокот род – тие го промовирале јадењето 12 зрна грозје на полноќ како национален обичај за среќа.