Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе ја посети Полска, додека неговата заменичка Радмила Шекеринска ќе престојува во посета на Ерменија, соопшти Прес-службата на Алијансата.
Според најавата, предвидено е Руте во Варшава да се сретне со полскиот претседател Карол Навроцки, како и со вицепремиерот и министер за одбрана на Полска, Владислав Косињак-Камиш.
Руте ќе ги посети и војниците од Борбената група на копнените сили на НАТО стационирани во воената тренинг база во Бемово Пиские, каде ќе има средба и со британскиот секретар за одбрана Џон Хили.
Заменичката генерална секретарка на НАТО, Шекеринска, пак, во Ереван ќе има средби со ерменскиот премиер Никол Пашинјан, со претседателот на Парламентот на Ерменија, Ален Симонјан и со министрите за надворешни работи и за одбрана, Арарат Мирзојан и Сурен Папикјан.
Предвидено е Шекеринска да се сретне и со претставници на ерменското граѓанско општество, како и со амбасадорите на земјите членки на НАТО во Ерменија.