Веднаш да појаснам. Вработени во Управатаза јавни приходи(УЈП) и Државниот надзорен инспекторат беа третирани во првичната истрага за несреќата во дискотеката “Пулс“, Кочани, па обвинителот Коцевски децидно изјави “докази за обвиненија против вработени во УЈП нема“. И толку, ја затвори дискусијата. Втор пат истите инволвирани во несреќата очигледно првично подзаскриени од Коцевски, беа актуелизирани со истражувачката новинарска сторија за несреќата, кога на виделина излегоа аудио и видео снимки, и смс пораки за директна инволвираност на тие началници и одговорни луѓе во УЈП. Е тогаш, истиот тој обвинител Коцевски, по втор пат ја манипулира јавноста и вели дека истрагата не е завршена и тие се истражуваат.
И еве трет пат, деновиве, пак се актуелизирани, само што овој пат сега малку поконкретно, со приведувања, претреси, сослушувања и одредувања на притвори. Се работи за луѓе од Штип и Струмица. Тоа ти е јавнообвинителска ефикасност: Кога почнаа да го трошат деветиот месец од почетокот на постапувањето на обвинителите, од “трета мајка“ добивме нешто што требаше обвинителскиот тим да го сработи, во првата фаза од истрагата, т.е. до моментот кога се поднесе обвинителен акт. Веднаш прашање: Зошто овие јавнообвинителски дејствија не се спроведени на време во рамките на првичната истрага? Прашањето е интересно, ама одговорот уште повеќе. Сите знаеме чие криминогено дувло е Струмица – на кланот Заеви. Исто така, општо познато е дека Штип пак е судско и јавно обвинителско дувло на судии и обвинители тешко заглибени во корупција(непотизам, кронизам) и криминал, во кој освен нив учествуваат и луѓе од минатата власт и поединци од криминалното подземје во Македонија.
Ете, таква е ефикасноста на јавните обвинители во Македонија, најконкретно на тие што ги водат предистражните, истражните, обвинувачките и сите други потребни дејствија за несреќата во дискотеката “Пулс“. Да конкретизирам: певин им требаа три месеци, да ги сокријат и за нив да не поднесат обвинителен акт. Потоа, поминаа уште три месеци додека некој отткрие дека има јасни и недвосмислени докази за тие луѓе, а не се опфатени во обвинителниот акт. И на крај, после месец и половина, се изведуваат приведувања, претреси, испитувања и одредувања на притвори и други мерки на сигурност. Со вакви “стручни и професионални квалитети“ коцевски ја обавува јавнообвинителската функција. Што е многу, многу е!
Ајде сега да се потсетиме дека три дена пред да сведочиме на овие закаснети акции на јавното обвинителство, во анализа за порталот “Курир“ насловена “Анатомија и фактографија на кривичноправниот настан “Пулс“, Кочани, од 16.03. 2025г.“, а потоа детално објаснета во емисијата “За или против“ на ТВ Алфа, предупредувавме дека некој очајнички се обидува да ја сокрие мрежата на корупција, институционален криминал и замешаност во растурање на дрога. А тоа поконкретно кажано е обид да ја сокрие од јавноста спрегата помеѓу локалните власти(Кочани, Штип, Струмица), полицијата(УВР Кочани и Штип, МВР), судството(Основен суд Коани, Основно јавно обвинителство Кочани, Основен суд и Апелација Штип, Основно и Вишо јавно обвинителство Штип, и судот и обвинителството во Струмица), и државните институции(Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија, Дирекција за спасување и заштита и повеќе инспекторати).
Оваа спрега е градена десетина години наназад, а најактуелна стана со случајот на врховниот судија и член на Судскиот совет, Наќе Георгиев и поранешниот обдусманот и член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, кои преку ноќ признаа вина и се спогодија со Коцевски и дружината му, со цел да ги сокријат другите коруптивни и мафијашки пипала во судството и државните институции, долги годени раководени и контролирани од власта на Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Само да ве потсетам што зборуваа, и како го креваа до судскиот Олимп Наќе Георгиев, тогашните “судски авторитети“: Лорета Георгиева, за тогашниот кандидат за врховен судија рекла дека е “прекрасна личност и професионалец“. Ханиф Зендели говорел дека станува збор за кандидат со “морални и професионални вредности“, а за тогашниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, Наќе Георгиев бил “дете“ на судството со “големи стручни и професионални квалитети“.
И така во оваа криминогена и коруптивна низа несреќата во “Пулс“ е само последица која на површина излезе на најгрозоморен начин – загуба на 63 животи и тешки телесни повреди од пожарот во “Пулс“, пожар потпален со злоупотреби, корупција, несовесно работење, и немање на одговорност и елементарен морал и минимална етика.
Сотир Костов
П.С.
Во моментот на пишување на текстов добивам информација дека осуден за несреќата “Ласкарци“, Ремзи Мифтари, во која загинаа 16 луѓе, е во бегство и недостапен за органите на прогон. Ете уште една потврда за ефикасноста на обвинување, судење, пресудување и издржување на изречената казна