Како што „нашите“ самопрогласени државотворци во името на недофатливата демократија по онаа историска 1992 година извитоперија сѐ што допреа само и единствено заради обезбедување сопствено влијание врз системот и неограничено лично богатење, така ја искривија и основната премиса на таа посакувана демократија: поделбата на власта. За нив тоа попрво значеше „фузија на власта“ (Валтер Баџет), поточно, во балканска варијанта: приграбување на сите демократски механизми за контрола над сѐ што се случува(ше) во државата. И тоа, повеќе или помалку, континуирано го спроведуваа сите досегашни власти, со различен „успех“, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.
„Успехот“ им беше речиси идентичен само во личното богатење – веќе не знаете кој е побогат, власта или опозицијата. Затоа и оваа хумореска за некакво независно судство станува посмешна кога сега некои шушумиги кои триесет години молчеа или здушно придонесуваа кон доизградбата на оваа и ваква пирамида на власт во Македонија продаваат морал, ум и ветви флоскули во таа насока.
А особено оние палјачовци од Судски совет, Врховен суд и Здружение на судии кои одеднаш, после толку децении, се наоѓаат навредени (?) што некој им чепка во феудот. Го заборавија и времето кога им инсталираа стручна соработничка за претседателка, кога една „госпожа“ претседателка на Врховен суд со години не им доаѓаше на состаноци но се сликаше со странски амбасадор(к)и, кога им ги читаа имињата од разни тефтерчиња, кога јавноста се згрозуваше од нивните шарлатански пресуди и натрупаното богатство од „малите“ плати… Страотна себичност, самобендисаност, провинцијализам и простотилак! Тие се де факто чист продукт на оваа карикирана демократија, на овој изопачен „систем“, производ на алчни и бескрупулозни политичари кои им ги затвораа устите со функции и корупција.
Затоа впрочем со години и молчеа, иако јавноста безмалку секојдневно ги прозиваше поради нивната очебијна корумпираност, хохштаплерај на „високо ниво“, политикантство и непрофесионалност. Онаа Катица стана нивен и наш симбол на правосудството, страотна слика и прилика на начинот на функционирањето на оваа „независна власт“ кај нас! А „ангелките“ уште се плеткаат секаде.
Е, ама сега, ете, кога онаа еднакво ко нив криминална европска комисија (малите букви се одраз на нејзиното значење денес) ќе ги земе во прегратка не како заштита (како што тие мислат) туку повторно како форма на политички притисок врз оваа власт, тие веднаш забораваат кои се и што се. И кои беа. А забораваат и што сѐ истата комисија им пишуваше претходно и како ги нарекуваше во нејзините годишни извештаи.
Или, на пример, како така брзо го заборавија документот од 2024 година за владеењето на правото во Македонија (SWD(2024) 830 final), заклучоците од евалуацијата на работата на Судскиот совет од 2023 година, па сите претходни извештаи на европската комисија…? Или ако во евалуацијата на работата на Судскиот совет од 2023 година се вели дека правосудниот систем кај нас е на „критична точка“ и е неопходна ургентна акција, како тогаш никој од овие сега загрижени инстанци не пушти глас? Или шушумигиве не смеат да отвораат кавга со европските институции?
Лекциите што сега се обидуваат да ги држат не само на премиерот и власта туку и на целата македонска јавност се само беден обид за замајување и повторно криење на вистинската слика за нивната (не)работа, опробан начин како една бедна фела и понатаму мистифицира, филозофира, се пренемага и затскрива зад проѕирни „објаснувања“.
Но, но, тие и нивната кратка криминогена современа историја во „новата“ држава се само уште една гнила, корумпирана алка во „системот“ што одамна не постои. Всушност – ниту постоел. Од денешна перспектива, а особено од оваа на вакви луѓе, очигледно е дека тој „систем“ беше замислен само како искривено огледало на старите опробани методи и навики, на луѓе подготовени да жртвуваат и морал, и етика и професионалност – ако воопшто и ги имале! – во замена за моќ, позиции и богатство. И тоа одлично им успеваше. Со наша помош, се разбира. Свесна или не, сеедно.
И кога говорам за „систем на искривено огледало“ не мислам само на овие бедници. За жал, апсолутно иста, или барем многу слична, е состојбата во јавното здравство, во образованието, во културата, во науката… Тоа огледало ни ги проектира, или секојдневно ни ги огледува, најмизерните поединци и групи кои глумат некакви професионалци. А ние се правиме дека тоа не го гледаме или дека тоа е дури и – нормално. Сите тие „структури“ работат „на копче“ коешто некој го притиска кога ќе му затреба. И се крева врева, се прави дополнителен хаос за да се маскира неработата, неукоста, простотијата, провинцијализмот… Или да се пропагира другата политичка опција! Како во случајов со овие сегашни подметнувања на некакви собраниски расправи, анкетни комисии…, на ден пред почетокот на судењето за Кочани кое толку го бараа(т)! Ама на „судиине“ тоа не им пречи, нели?
Но, за да бидат нештата малку појасни: токму проекцијата на платите коишто (наводно) се појавуваат како иницијална каписла за ова простачко однесување на дел од правосудството ги осветлува нештата зашто тие одамна се проектирани според важноста на субјектите за политиката. Па така, на врвот на листата се токму, нормално, државните функционери, па судиите (како нивна десна рака), па лекарите и универзитетските професори (овие како лева!)…, и останатата „раја“ која има до трипати помали месечни примања од оние првите! Без оглед на биографиите, на анонимноста за светот на оние одлично платените наспроти некои од македонските уметници, или научници и сл.
Е па и тоа е дел од тотално искривеното огледало како „државата“ – или дел од моќниците во неа – ги гледаат „системските“ проекции!
