Скопје за мене никогаш не било само град. Тоа е дел од мојот живот, дел од мојата професија, дел од мојата историја. Тоа е градот во кој сум растел, во кој сум работел, и кој сум имал чест и одговорност да го водам од институционална перспектива. Кога одам низ центарот, низ чаршијата или покрај Вардар, не гледам само фасади и асфалт, гледам траги од генерации кои го граделе и чувале Скопје.
И гледам нешто што ме боли: дека денес, повеќе од кога било, на градот му недостига духот на заедништво, визија, свест и чувство за заедничко добро и кај избраните претставници, и кај нас, граѓаните. Зашто градот не се гради само од кабинетите, туку и од секојдневните постапки на сите нас – од тоа дали ќе ја фрлиме хартијата во канта, дали ќе посадиме дрво, дали ќе се јавиме кога нешто не функционира. Одговорноста за Скопје е заедничка, и токму тој изгубен дух на учество е она што најмногу ме загрижува.
Како поранешен потпретседател на Собранието на градот (1991–1993), како прв човек, т.е. претседател на Собранието на град Скопје (1994–1996) и Претседавач на Советот на градот (1996–2000), имав можност да го запознаам градот во неговата најжива форма, не само низ документи и седници, туку низ луѓето, улиците, парковите, училиштата и јавните служби. Тогаш учев дека Скопје не е институција, туку организам, и дека секој негов дел треба да дише со истиот ритам.
Затоа ме загрижува она што го гледаме денес. Последниве години, градот го изгуби тој заеднички пулс. Советот и градоначалникот повеќе наликуваа на учесници во „риалити програм“ – циркус на срамот, отколку на луѓе избрани да го водат главниот град. Наместо идеи, гледавме препукувања; наместо резултати – сценарио на политички инат.
Денес, кога ќе излезеш на улица, гледаш град кој полека се дави во сопствениот хаос – сообраќаен метеж, смет на сите страни, запуштени паркови, урбанистички хаос и градба без ред и мерка. Зад сето тоа стои недостигот на капацитет и одговорност на сегашните градски власти, Советници и градоначалникот, како и нивните институции и јавни претпријатија. И, секако, тука е и најголемиот губиток – довербата на граѓаните.
А граѓаните, како и секогаш, бараат нешто многу едноставно. Не бараат ниту спасител, ниту револуционер – бараат човек кој ќе ја исчисти улицата, ќе насади дрво, ќе одговори на порака и ќе го среди сообраќајниот хаос. Тие сакаат функционален град, а не голема приказна.
Кога се навраќам на времето кога бев претседавач на Советот на град Скопје (1996–2000), со гордост можам да кажам дека тогаш имавме нешто што денес недостига: соработка, почит и заедничка одговорност меѓу Советот и градоначалникот. Тогашниот градоначалник, Ристо Пенов, и Советот работеа во дух на консензус, без оглед на политичката припадност.
Во тој Совет седеше вистинска градска елита – луѓе со знаење, став и љубов кон Скопје: Мелпомени Корнети, Иља Џонов, Радмила Шекеринска, Лиле Поповска, Раде Ненадиќ, Зоран Велковски, Киро Николовски, деканот и продеканот на Шумарскиот факултет професорите Јосиф Димески и Кире кретевски, проф. Данчо Дафчев, Пројко Деспотовски, актерот Ненад Стојановски, Владимир Милчин… И да не ми замерат оние кои не ги спомнав, сите тие се запишани во историјата на Скопје како пример за тоа како може да функционира еден град кога на прво место се интересите на граѓаните, а не партиските директиви.
Тогаш, Советот и градоначалникот „дишеа заедно“. Се расправавме, се разликувавме, но никогаш не заборававме дека нашата заедничка задача е Скопје. Тој дух на партнерство е токму она што денес му недостасува на градот. Зашто градот не се води со инает, туку со разбирање и соодветна одговорност – не со политичка калкулација, туку со визија и почит.
Денес повторно сме пред избор. Двајца кандидати, две визии, две енергии Орце и Амар. Орце како „традиционалист, рационален и прагматичен, со искуство“, Амир како „новиот урбан дух“, по малку инклузивен, навидум смирен и полн со вербални идеи за промени. Во нивната дуелна енергија јас најмногу го гледам Скопје како град на контрасти, кој секогаш ја бара рамнотежата меѓу едното и другото, меѓу старото и новото.
И додека многумина се фокусираат на партиите зад нив, јас мислам дека прашањето е друго: Кој од нив е подготвен да го врати сјајот на Скопје, партнерството меѓу Советот и градоначалникот, да ја врати сериозноста на институциите и да го врати достоинството на Скопје?
Во светло на сето тоа, и по сето мое искуство со управувањето на градот, јас ја давам предноста на Орце. Не затоа што е безгрешен, туку затоа што неговото искуство и практичен пристап го прават подоверлив за враќање на Скопје на патот на функционалност и партнерство.
Во време кога градот се соочува со реални и итни предизвици, на Скопје му треба градоначалник-оперативец кој од првиот ден ќе почне да ги решава наталожените проблеми, најголем дел од нив создадени од политички интереси, сплеткарење и одмазда на претходните градски структури. Орце, и како досегашен градоначалник на Кисела Вода, и како претседател на „ЗЕЛС“, веќе поминал низ бројни предизвици, знае како функционира администрацијата, како се решаваат комуналните проблеми и како се гради тим кој работи.
Тоа искуство не се учи од книги, ниту од половина мандат седење во советнички клупи во Советот на градот. Секоја чест за Амир и неговата младешка енергија, но искуството со седење во клупите на Советот од 2022-2025 година и гласањето ,,против или за“ на петнаесеттина седници е многу мала гаранција дека може да биде успешен. Во изминатите години барем јас не видов дека тој се истакнал со конкретни заложби или дејствија за решавање на проблемите. Не видов ниту една негова иницијатива која би покажала дека е подготвен за највисоката градска функција. Скопје и скопјани и порано и сега немаат време да чекаат некој допрва да се учи, а најмалку да веруваат во куп недоволно издржани вербални понуди и проекти. Потребно е поретгодно познавање на работите и итно и конкретно делување.
Орце ја има и ја носи таа способност. Со своето искуство, знаење и практичен пристап, тој е доверлив избор за враќање на Скопје на патот на функционалност и конкретно делување. Неговата подготвеност за работа од првиот ден, умешноста да гради тим и познавањето на администрацијата се токму она што му треба на градот сега. Лично очекувам уште во првите денови по стапување на должноса да го врати духот на заедништво и да воспостави отворен дијалог со Советот и граѓаните и работите да почнат на многу подобро и тоа на терен, а не од канцеларија. Тоа ќе биде силна мотивација и гаранција дека Скопје повторно ќе почне да дише и да живее како современа метропола, град кој функционира за сите и во кој секој ќе се чувствува како дел од заедницата.
26.10.2025 Проф д-р Јове КЕКЕНОВСКИ