Македонија

Ѓорѓиевски: Гази Баба нема повеќе да биде тесно грло, туку најповрзаната општина во градот

Ѓорѓиевски: Гази Баба нема повеќе да биде тесно грло, туку најповрзаната општина во градот

Гази Баба е портата на Скопје, индустриското срце и белите дробови на нашиот град. Општина со вредни, чесни и патриотски луѓе. Но, со години, оваа општина беше заборавена од градските власти. Капиталните проекти беа само празни зборови на хартија, а вие бевте оставени сами, со Боби, да се борите со сообраќајниот хаос, еколошките проблеми и нефункционалниот јавен превоз. Но, тоа време заврши.

Ова од вечерашниот митинг во Гази Баба го истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Во однос на проектите планирани за оваа општина, Ѓорѓиевски посочи дека ќе ја поврзат Гази Баба како никогаш досега.

-Конечно, ќе ја изградиме првата фаза од булеварот „Хрватска“, дел од внатрешната обиколница на Скопје.
Ова не е само асфалт, ова е нова артерија која ќе го растерети сообраќајот низ Автокоманда и ќе ве спои со Бутел и западниот дел на градот за неколку минути. Ќе ја изградиме и третата лента на булеварот „Александар Македонски“ за конечно да ставиме крај на сообраќајниот колапс на источниот влез на Скопје. Предвидуваме доизградбата на булеварот „АСНОМ“ преку новиот мост, а и ќе изградиме целосно нов мост кој ќе ја поврзе Гази Баба со Ново Лисиче кај последна 5ка. Ќе ја изградиме и клучката „Хиподром“. Гази Баба нема повеќе да биде тесно грло, туку најповрзаната општина во градот, вели Ѓорѓиевски.

Посочи дека ќе инвестираат во зелена и здрава иднина за семејствата.

-Најголемиот еколошки срам на Скопје, депонијата Вардариште, ќе ја претвориме во наша најголема гордост. Ви ветувам, Вардариште ќе стане мега парк, европски пример за зелена обнова, со спортски терени и патеки. Место каде нашите деца ќе играат на безбедно, а ние ќе уживаме во природа. Ќе го обновиме и нашиот прекрасен Парк на природата Гази Баба, за да му го вратиме сјајот што го заслужува, нагласува тој.

Ѓорѓиевски најави и крај на нефункционалниот јавен превоз, со целосна реформа на ЈСП, со континуирана набавка на нови, еколошки автобуси и со воведување на Градски воз кој ќе поминува низ постојните пруги во Гази Баба, а со кој ќе се обезбеди брз и достоинствен превоз за сите.

-Ќе ги реформираме сите јавни претпријатија. Ќе воведеме Нов комунален ред и со Еко-бригади ќе обезбедиме Скопје и Гази Баба да бидат чисти и уредени. И најважно од сè, за сите овие капитални проекти имаме силна поддршка. Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски докажа дека работи за народот и за Македонија. За првпат, имаме Влада која не ги дели општините по партиски клуч, туку инвестира секаде каде што е потребно, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски потенцираше и дека таа соработка е гаранција дека овие големи ветувања ќе станат големи дела!

To top