Македонија ПРАВОСУДНИ И ПОЛТИКАНТСКИ КРИВИНАШИ

АНАЛИЗА: „Главата ја давам – оставка не давам!“

Да, тој тежок и непознат збор ОСТАВКА е мачно да се изговори, но е неопходно, па колку и да боли или предизвикува солзи кај политичарите.

АНАЛИЗА: „Главата ја давам – оставка не давам!“

 

Целосен ресет на системот на правосудството, најавува премиерот Мицкоски од предизборните митинзи. Тајмингот и повторувањето на овој план не е случаен или залуден, туку значи дека е дојдено ,,нож до коска‘‘, пред се во правосудството.

Не ретки се извештаите за оставки на политичари поради злоупотреба на јавни пари за лични потреби, па макар се работело и за автобуски или авионски билет, вечера, телефонска сметка, службено возило и слично. Јавното објавување на таквите злоупотреби веднаш добива епитет на скандал, не заради сумата, туку заради етичкиот момент на искористување на парите на граѓаните за лични потреби. Во тие земји секој долар, евро, франк е важен. Поважен од се, бидејќи зборува за карактерот на  функционерот.

Злоупотребата на ,,ситни пари‘‘ во нормални држави предизвикува етички  последици, како што е оставка. Злоупотребата од посериозни причини, носи  губење доверба, катастрофален рејтинг, политички заборав, па и затвор.

Како тогаш да се објасни упорното одбивање на правосудните авторитети во земјава да си дадат оставка, кога имаат доверба колку слаба двојка, да не речеме единица, кога ги следат скандали и афери, кога ја изгубиле довербата во јавноста, но и кај тие кои ги избрале, пратениците.

Што треба да се случи државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да  си даде оставка, ако ги исполнува сите претходно наведени причини, надополнети со изгласана недоверба во највисокиот законодавен дом? Да останува на улица би разбрале зошто толку грчевито се бори за функцијата. Но, обвинителот ќе си остане обвинител, само што повеќе нема да го менаџира обвинителството, и тоа многу лошо како што прави досега. Ќе продолжи секој ден да си оди на работа, само што нема да може да им наредува на сите. Веројатно ќе му олесни и од притисокот од наредбодавците, оти повеќе нема да има моќ да ги исполнува нивните желби. Очигледно Коцевски не се гледа себе како обвинител без доверба или како што го нарече еден негов колега по вокација ,,последната будала‘‘?

Што треба да се случи Коцевски од морални причини да се повелече, ако премиерот јавно објавува дека над 80 пријави за кривични дела седат во фиоките на обвинителството, а клучот за тие фиоки седи некаде на ,,Бихаќка‘‘? Дали затоа ниту Филипче, ниту некој од тие наведени во 80-тината обвиненија не се плаши дека ќе одговара?

Неверојатно е како републичкиот обвинител не ја препознава најавата за ресет на системот, за одговорност и правда, за процесот на прочистување на политичкото мочуриште кој следи и од чија правда ќе нема бегање!

Коцевски веројатно не го препознава моментот од кој може да нема враќање од примерот на негови поранешни колеги кои доцна сфатија дека се вплеткани во мрежата на Заев.

Слично е и со избламираниот Судски совет, целосно осрамотен, меѓусебно раскаран, кој продолжува да го урнисува рејтингот во јавноста кон чиста единица.

И оваа важна, море најважна судска институција смета дека е избрана од бога, а не од пратениците. Дека одговара пред бога, а не пред јавноста. Дека никој не и може ништо и покрај изгласаната интерпелација во Собранието. Недовербата за 5-те члена на советот, е сигнал дека целиот совет е компромитиран и не може да носи одлуки кои директно влијаат на целото судство во земјава.

Каде е советот, кога битолскиот суд за газдата на Марковски компани одредува само куќен притвор за криминал од стотици милиони евра од местени тендери во РЕК Битола?

А, Советот е тој кој треба да проверува, повикува на одговорност и разрешува судии. Дали аргументите дека газдата на Марковски компани, инаку исклучително близок до Заев и Филипче, има имот во странство и може да побегне не се доволен повод за итна акција? Посебно, кога еден од главните протагонисти во криминалот во РЕК Битола, екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, подолго време е во бегство. Просто е неверојатно како и судот и Судскиот Совет не гледаат дека од слобода тие двајца и ќе се договараат и ќе влијаат на сведоците и истрагата.

Време е функционерите и политичарите да разберат: ако немаш поддршка, немаш ништо.

Еклатантен пример е скопската градоначалничка Данела Арсовска. По кавгата со тие што ја донесоа во градоначалничката фотеља, нивните симпатизери, членови и гласачи, таа не собра храборост, доблест и морална одговорност да си замине од функцијата, туку остана да тоне, а со неа и стотиците илјади скопјани. Иако политичката кариерата и е запечатена, Арсовска до крај не разбира дека одговара пред тие што ја избрале и подржуваат, а не пред тие што ја искористуваат.

И да не одиме подалеку за политичката (не) култура наречена оставка, туку да се осврнеме на актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, министерот за здравство кому во пожар во модуларната болница во Тетово му загинаа 14 пациенти. Понудувањето оставка, НЕ НЕОТПОВИКЛИВА, која неговиот ментор и тогаш премиер Зоран Заев не ја прифати, беше чиста фарса. Оставка-параван за наводно преземање морална одговорност за трагедијата во болницата за која е директно одговорен. Каде е оставката за скандалите со респиратори, провизии за кинески вакцини, криминалното менаџирање со онкологија со години? Но, Филипче ниту тогаш, ниту сега, по очекуваната катастрофа на локалните избори не го препознава тој чуден збор – ОСТАВКА. За него важеше мандатот што му го дал Заев, а сега мандатот што му го дале од партијата, па затоа сакал да го истера до крај.

За амбасадорите и дипломатските претставници, пак оставката е просто неверојатен поим. Нив само кривична одговорност може да ги натера и тоа со сила да ја напуштат удобната фотеља. Можеби за нив треба да се примени американскиот модел – со новата владина администрација сите се во оставка.

Да, тој тежок и непознат збор ОСТАВКА е мачно да се изговори, но е неопходно, па колку и да боли или предизвикува солзи кај политичарите.

Ако не можеш да водиш, подобро да си одиш, зошто кога губиш доверба, губиш се!

ПС

Оставка – што беше тоа???

To top