На вечерашниот народен митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во општина Кисела Вода се обрати Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Владата.
-Ова се избори каде одлучувате за вашата иднина и за вашето место на живеење. Изборот кој го правите ја одредува вашата иднина, а иднината е сублимат на одлуки и избори кои ги правите токму денес. Она што досега можеше да се види е тоа дека ние настапуваме со програма и визија чии ветувања и проекти внимателно ги планираме, затоа што пред вас сакам да го задржиме чистиот образ, а вашата поддршка ни значи сѐ во животот. И по ниту една цена не смееме и нема да ве разочараме. Нашиот завет и ветувања се ставени во програмата за која што зборуваа и Бети за Кисела Вода, но и Орце за Градот Скопје, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека половина кампања помина, а од опозицијата немаме видено никаква програма, само целосна безидејност, црна кампања и лаги.
-Една психолошка состојба на опседнатост со мене, моето име и огромна доза на страв. Тој страв и нервоза ги тера нивните апологети, нивните перјаници чии што колумни и статуси најчесто ги цитираат по медиумите блиски до опозицијата, тука мислам на СДСМ. Да пишуваат и да зборуваат сѐ и сешто, додаде Мицкоски во обраќањето.
„Во текот на вчерашниот ден во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ пристигна вест дека некој пријавил дека во близина се наоѓа подметната бомба во некаков куфер. Денеска можевме да прочитаме како овој прејаник, као овој апологет на СДСМ пишува дека би било вистински штос во оваа кампања во тој куфер да се наоѓало моето распарчано тело. И тоа не е никаков проблем! Што веќе не се изнаслушав за мене овие години“, рече Мицкоски.
Откри дека тоа што го гледа е голем страв.
„Затоа стојам пред вас и можам да кажам дека човек може да биде спокоен кога длабоко во себе знае, ама апсолутно нема ништо погрешно направено, туку напротив овие 15 месеци како претседател на Владата, а претходно и како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и како универзитетски професор се што сум направил, сум направил да биде добро почитувајќи го најпрвин моето семејство, граѓаните, државата на која што и служам“, рече Мицкоски.