Свет Индија

Мутаки во посета на Индија

Министерот за надворешни работи во талибанската влада во Авганистан, Амир Хан Мутаки отпатува во посета на Индија. Тоа е прва посета на висок претставник на талибанците во Индија откако исламистичкото движење се врати на власт во Авганистан во 2021 година

Мутаки во посета на Индија

Министерот за надворешни работи во талибанската влада во Авганистан, Амир Хан Мутаки отпатува во посета на Индија. Тоа е прва посета на висок претставник на талибанците во Индија откако исламистичкото движење се врати на власт во Авганистан во 2021 година.

Предвидено е Мутаки да се сретне со шефот на индиската дипломатија Субрахманјам Џаишанкар, и други претставници од индиската Влада за политички, економски и трговски прашања.

Талибанците се обидуваат да ги интензивираат контактите со регионалните сили за да ги зајакнат економските врски и добивање меѓународно дипломатско признание. Досега, само Русија официјално ја призна легитимноста на владата на Талибанците.

Индија и Авганистан традиционално одржуваат добри односи, но Њу Делхи ја затвори Амбасадата во Кабул по повлекувањето на американските трупи во 2021 година и враќањето на талибанците на власт. Една година подоцна, Индија отвори мала дипломатска мисија во Кабул, олеснувајќи ја трговијата, медицинската и хуманитарната помош. Иако Индија официјално не ја признава владата на Талибанците, двете земји постепено ги обновуваат односите преку состаноци на високо ниво и контакти меѓу нивните министерства за надворешни работи.

Патувањето на Мутаки беше овозможено откако Комитетот на Советот за безбедност на ОН привремено ја укина забраната за патување што му беше наметната за да му дозволи да учествува на дипломатски состаноци во странство. Тој вчера учествуваше на регионален состанок во Москва, на кој претставниците на соседните земји на Авганистан – Индија, Пакистан, Иран, Кина и неколку земји од Централна Азија – усвоија заедничка декларација, во која се изјаснија против распоредување на странски воени објекти во регионот.

To top