Не, сме немале никаква средба. И не постои нешто како јавна најава за тајна средба како што кажуваше самиот премиер. И сметам дека нема потреба да се среќаваме на никакви тајни средби. Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Прес24.
– Јас го разбирам него. Сака да имаме средба, потоа тој кај него во партија да им раскажува работи кои не се случиле, да им создава лажна надеж и на тој начин да создава привид за некакво единство, за да ја додржи партијата во која има евидентно незадоволство по повеќе основи. Тоа се нивни работи, но јас знам дека кога и да имаме средба за тоа ќе биде известена јавноста, потенцираше Мицкоски.
Во однос на техничката влада Мицкоски истакна дека разликата е што речиси десетгодишниот министер за внатрешни рааботи Спасовски ќе биде заменет на заменичкото место со неговата десна рака, неговиот шеф на кабинет.
– Ако станува збор за неговите перформанси, сметам дека тука крушата нема подалеку да падне од дрвото и ќе имаме работа со истите луѓе кои споделуваат исти вредности и погледи. Досега Македонија немала толку ужасно лоша влада која донесе живот кој никогаш не бил полош, рече тој.
Мицкоски во интервјуто додаде дека целосниот состав на техничката влада ќе се знае по Водици.
После Водици ќе имаме целосна слика за претстојниот состав. Не се брзаме на тој план. ВМРО-ДПМНЕ има голем број на кадри кои можат да одговорат на позициите кои се бараат. Што се однесува до перформансите на техничката влада, сметам дека тие влади досега се покажаа како слаби исполнети со конфликти и бројни кочења. Погледнете, дали се памети некоја прогресивна политика спроведена во тој период, одговорот е не. Она што се памети се препирки. Кочења. Поништени одлуки. И затоа тоа е загубено време за државата. Затоа и предлагав да се укине техничката влада. Сметам дека целите перформанси и вистинската енергија на промените ќе се покаже по смена на власта и формирањето на легитимна и стабилна влада, изјави Мицкоски.