Македонија колумна

Геровски: ДО КАДЕ МОЖЕ ДА ОДИ НЕРАЗБИРЛИВОСТА НА ОФИЦИЈАЛНАТА ПОЛИТИКА НА БУГАРИЈА

Заради тоа е потребно, сегашното брилијантно постапување на дипломатијата на Македонија, покрај пред Европскиот Совет, со истата сила да се насочи и пред телата на Обединетите Нации, а кои ставови ќе бидат предмет на дополнителна анализа, од гледиште на инсистирање за стриктно почитување на меѓународните вредности, за кои отстапувања од бугарската страна, во редица случаи, како Европската, така и Американската администрација, директно ги посочуваат како негативни ставовите на актуелните политики на Бугарија кон Македонија, сега веќе целосно спротивставени на Европските вредности и меѓународни стандарди.

Геровски: ДО КАДЕ МОЖЕ ДА ОДИ НЕРАЗБИРЛИВОСТА НА ОФИЦИЈАЛНАТА  ПОЛИТИКА НА БУГАРИЈА

Нескриените намери на Република Бугарија – членка на Обединетите Нации, членка на Европската Унија, членка на НАТО пактот, соседна земја на Република Македонија, во делот на севкупно негирање на опстојувањето на Македонија како самостојна држава, веќе ги поткопува сопствените Бугарски ставови во изминатиот период.

Тоа произлегува од досегашните неразбирливи обиди за севкупно негирање, заборавајки ги дејствијата кои ги има спроведено Република Македонија на отворената политичка сцена, наспроти дејствијата на Р.Бугарија.

  1. Република Македонија е членка на Обединети Нации, призната како суверена држава со јасно признат јазик кој се користи на нејзината територија – Македонски јазик.

Со самото тоа, официјалната Бугарска политика целосно ја занемарува општо прифатената дефиниција за поимот – Држава, која општа дефиниција како таква експлицитно ги предвидува – 1. Територија – определена површина со јасно утврдени граници; 2. Суверенитет – независна власт во рамките на своите граници; 3. Институции – органи и тела за извршување на власта, како што се Влада, Парламент, Судови; 4. Народ – население кое живее на територијата на државата.

Се поставува прашање – дали Р.Бугарија е насочена кон создавање на нова дефиниција за поимот Држава?

  1. Покрај признавањето на Македонскиот јазик во Организацијата на Обединети Нации, Македонскиот јазик е додаден во стандардниот систем за кодирање на јазиците – ISO во 2008 година со свој уникатен трибуквен код “mkd”.

Оваа регистрација означува дека македонскиот јазик е признат како посебен и самостоен јазик во рамките на меѓународната стандардизација.

За целосно разјаснување – во 1988 година, а во рамките на меѓународната стандардизација, бугарскиот јазик доби свој уникатен код “bg”, а во 1998 година доби трибуквен код „bul“.

Повторно прашање – дали за политичките елити на Бугарија сеуште не е јасно дека со никакви билатерални преговори не може да се смени нешто кое е постигнато со мултилатерален договор?Меѓународните односи такво нешто ниту познаваат, ниту препознаваат.

  1. Најголемата неразбирливост, а со која бугарската политика се негира самата себе, претставува Договорот за добрососедство склучен помеѓу Македонија и Бугарија.

Дотолку повеќе што со „Договорот за добрососедство“, завршната одредба од истиот децидно предвидува – Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни“.

  1. Дополнителна неразбирливост, а со која бугарската политика се негира самата себе, произлегува повторно од Договорот за добрососедство склучен помеѓу Македонија и Бугарија.

 

Завршната одредба на овој Договор гласи – Потпишан во………………. на ………………………… во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност.

Со самото потпишување на овој Договор, Бугарската страна го призна Македонскиот јазик.

Наредно прашање – дали Р.Бугарија посочува дека веќе не го признава Договорот за добрососедство? Од кои причини во такви услови опстојува понатаму Договорот за добрососедство?

Не може ниту заклучок да се донесе, од едноставна причина што секој став завршува со прашања на кои ниту самата Бугарија нема одговор.

Тоа произлегува од севкупното досегашно однесување заради неразумните ставови на Бугарија – прво беше северномакедонски јазик, потоа Македонски јазик 2 и редица други.

  1. Согледувајки ги претходните билатерални акти помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, се согледува Заедничката декларација помеѓу Македонија и Бугарија од 22 февруари 1999 г, во моменти додека Бугарија сеуште не беше членка на ЕУ, па ниту една одредба ни приближно не упатува на никаква заедничка историја, на никакво негирање на јазик, но упатува на стремежите на Република Бугарија кон приклучување кон европските и евро-атланските структури, стремежи кои токму сега ги има Македонија, попречувани токму од Бугарија.

Следно не би смеело да има, затоа што би било надвор од секакво постапување согласно правилата на ЕУ, спротивно на Копенхашките критериуми за влез на нови членки во Унијата, спротивно на Повелбата на ЕУ која децидно предвидува Унијата ја почитува културната, религиската и јазичната разновидност (чл. 22).

Заради тоа е потребно, сегашното брилијантно постапување на дипломатијата на Македонија, покрај пред Европскиот Совет, со истата сила да се насочи и пред телата на Обединетите Нации, а кои ставови ќе бидат предмет на дополнителна анализа, од гледиште на инсистирање за стриктно почитување на меѓународните вредности, за кои отстапувања од бугарската страна, во редица случаи, како Европската, така и Американската администрација, директно ги посочуваат како негативни ставовите на актуелните политики на Бугарија кон Македонија, сега веќе целосно спротивставени на Европските вредности и меѓународни стандарди.

Но не само Бугарски ставови кои се веќе спротивставени на самите себе, но сликовито кажано, ваквите ставови наликуваат на упорни обиди да се иницира т.н. „стокхолмски синдром“ кај својот сосед, користејќи најнапред суптилни, а сега веќе експлицитни форми на  притисок и негирање, бескрупулозно рушејќи ги востановените поими за Држава, за Народ, за Идентитет, за Јазик, како и целосно поткопување на Копенхашките норми и критериуми на ЕУ, незамисливи за 21-от век.

 

 

Стојанче Геровски,

Авторот е Адвокат и

магистер по меѓународна политика

Најнови вести од Македонија

To top