Кина денеска соопшти дека веќе евакуирала речиси 800 свои државјани од Иран, откако Израел минатата недела започна воена операција.
Од 13 јуни, израелската армија започна невидени напади врз Иран, тврдејќи дека сака да го спречи Техеран да се здобие со нуклеарна бомба. Како одговор, Иран вети дека безмилосно ќе го бомбардира Израел додека не завршат нападите, јавија светските агенции.
Вкупно, „791 кинески државјани веќе се префрлени од Иран во безбедни области, а повеќе од 1.000 луѓе се евакуирани“, изјави Гуо Џиакун, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на редовниот брифинг.
Тој додаде дека кинеските граѓани се исто така безбедно евакуирани од Израел.
„Кина изразува благодарност до погодените земји за нивната сеопфатна поддршка и помош“, додаде Гуо.