Улиците се проодни, снегот исчистен. Граѓаните задоволни од брзата реакција на службите во скопските општини.
Од ноќта во саботата кон неделата, во Скопје паѓа снег. Сепак, не се случи никаков застој во сообраќајот или нормалното функционирање на жителите бидејќи скопските градоначалници веднаш се фатија за работа и ангажираа служби за чистење на снегот од улиците.
Во општина Аеродром уште вчера рано наутро, беа проодни сите улици.
-Од рано наутро е ангажирана целокупната расположлива механизација, а на расчистување на снегот работат вработените во Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром. Сите улици се проодни, а расчистени се и пристапите до јавните установи, како амбуланти, здравствени и пензионерски домови, детски градинки и полициски станици. Сепак апелираме до жителите на поголема внимателност и прилагодување на временската состојба. Нашите тимови ја следат состојбата и во текот на ноќта и утрешниот ден ќе интервенираат во согласност со потребите, објавија вчера од општините.
Улиците во Гази Баба се безбедни и чисти уште од ножта која снегот падна, а се чистеше и во текот на цел вчерашен ден.
-Вечерва сме повторно на терен со цел фрлање на сол и ризла низ улиците во повисоките места на општина Гази Баба од Црешево до Раштак. Целта на оваа акција е превентивно да ги заштитиме улиците од можно замрзнување во раните утрински часови, а со тоа да овозможиме граѓаните непречено да ги реализираат своите секојдневни обврски. Улиците низ нашата Скопска Црна Гора, но и низ цела Гази Баба се чисти и безбедни! Им благодарам на граѓаните за соработката и поддршката. Вчерашната ноќ и денешниот ден се уште еден доказ дека општина Гази Баба успешно се справи со предизвиците кои ги носи зимскиот период, напиша на Фејсбук градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Вработените во ЈКП Гази Баба интензивно работат на чистење на пешачките патеки и автобуските постојки во Општина Гази Баба. Посебно внимание се посветува на пристапот кон детските градинки, амбулантите и аптеките.
Специјализираните возила за чистење снег во голем број интервенираат буквално во секое населено место на територијата на Кисела Вода, во секое маало и уличка.
-24/7 во служба на мојот народ, напиша градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Будни беа и службите во општина Ѓорче Петров. Сите патишта се проодни.
Екипите за зимско оддржување заедно со општинскиот кризен штаб од рано утрово се на терен низ општина Бутел. Навремено се исчистени сите критични места во општина Бутел како и главните улици, сите споредни улици во сите населни места со цел непречено одвивање на сообраќајот.