Утрово напад со нож се случил во основно училиште во загрепската населба Пречко. Според првичните информации, еден ученик починал, а повредени се пет лица – три деца и двајца возрасни, јавуваат хрватските медиуми.
Напаѓачот е 19-годишник, кој влегол во училиштето облечен во црно и носел маска.
-Повредени се вкупно шест лица, од кои, за жал, едно дете почина веднаш на терен по тешка реанимациона постапка, изјави министерката за здравство Ирена Хрстиќ пред Клиниката за детски болести на улица „Клаиќева“.
Таа рече дека петмина се пренесени во болници – двајца во Клаичево, двајца во Св. Дух, а едно дете е пренесено со хеликоптер во Ребро.
Порталот Нет.хр наведува дека лекарите се борат за животот на повредената наставничка и дека е префрлена во КБЦ Свети Дух.
Како што дознава „Вечерњи лист“, училиштето е под опсада, некои деца се извадени од училиштето, но дел од нив се уште се во зградата.
Порталот Index.hr објави дека едно дете од прво одделение е повредено и дека наводно децата избегале скокајќи низ прозорецот.