Евтина финта или дежа ви. Ова би бил најкусиот коментар на патетичниот обид на СДСМ која по седум години зулуми, арамилак и распродажба на националните светии сега глуми некакво си прочистување. Ниетот, на граѓаните да им прикажат дека во партијата на Бихаќка се случува некакво си раздвижување, демек-катарза и промени, оди според најевтино, боливудско сценарио, склепано набрзина од неинвентивните ајвани на Забрчанец&Co, кои на зададената задача да го подигнат девастираниот рејтинг и ѓон-имиџ на партијата, одговараат со „копи-пејст“ мотивациски говори и финти од подрачја кои не одговараат на македонскиот вкус, ниту јазично, ниту менталитетски.
Сценариото, очебијно, се состои од неколку чекори:
-1.Ќе глумат дека тоа не е старото, лузерско и крајно антимакедноско СДС преку анонимуси во раководниоте тела, демек не се тие виновни за сторените зла, за идентитетскиот пазар и понижувања кон Македонија и македонскиот народ;
-2.Ќе се апстрахираат од криминалното минато, криви се претходниците, оние „лошите“ сдсмовци, Рашковци, Димови, Зеќировци и друга банда;
-3.Не СДСМ, за тапа-рејтингот и слободниот пад се виновни фудбалчињата, аздисот и криминалот на ДУИ.
-4.Обиди за рехабилитација со користење на случајни потези на меѓународната заедница и државници.
Проблемот е што ова лузерско сценарио има тешки дупки и фалинки, на страна што народот не „пие нафта“, ниту пак има меморија на златна рипка.
Прво, за да бидат демек друга и „нова“ партија, не можат во своите редови да имаат лидер кој учествуваше во сите зла кон Македонија и тоа на висока функција и како „десна рака“ на менторот и гуру Заев, особено имајќи предвид дека истиот тој Муртинец го намести да биде претседател и повеќе од јасно ја води партијата од сенка, за што најдобар доказ е „новото“ раководство склепано од Заеви послушници и коленичарчиња создадени по негов терк и лик. Ниту, пак, може да имаат втор човек од Сорос кој е едно од најголемите зла за Македонија и е лик кој кумуваше на се’ грдо што се случи во државата, особено Шарената ДЕеволуција/револуција. На страна фактот, што треба јавно, јасно и гласно да му се извинат на македонскиот народ за се’ што сторија, јавно и без пардон. Прошката, сепак, е дискутабилна…
Второ, не може со поставување на дузина неискаљани анонимуси (барем засега) да се апстрахирате од криминалците и тендерашите во минатото со лидер кој дојде на функција со дузина афери (најтешка геостратешка грешка), со морална (а можеби и новчан интерес?!) и министерска одговорност за 14 живо изгорени луѓе во модуларната болница, со мега-аферата за ковид-вакцините и илјадници мртви во корона кризата поради катастрофалната реакција на државата чиј прв човек на здравството беше токму дотичниот лидер. Тука е и одговорноста за најморбидната афера на Онкологија, децата за кои собиравме пари за лечење додека тој и Заев се возикаа со моторите. И редица други утки, хациенди, џипови од 200 илјади евра на комшијата, сомнежи и можен криминал. На страна и ујдурмите и мега-богатењето на семејството на менторот и сивата еминенција од Муртино…
Трето, упатувањето на вината на адреса на Ахмети и ДУИ за дебаклот на изборите и за рејтингот кој е во слободен пад, е очајнички обид за пренасочување на гневот на граѓаните, чин кој може само да го разлути Али за да им извади дел од сокриените под тепих малверзации и СДС-криминали. Како навиени, и Филипче и Лукаревска симултано влегоа во битка за набедување на ДУИ, едниот зборувајќи за грешките со сервилноста кон коалиционерот, другата пак за тоа дека се колатерална штета на фудбалчињата, ароганцијата и криминалот на ДУИ.
Дали, всушност, вака Филипче си призна дека и тој бил сервилен, или пак тоа биле само Заев, Таче, Спасовски, Маричиќ, Николовски и компанија, а тој пустиот бил бунтовник и непокорен како што сака да се прикаже? Штета само, што никој никаде не го виде тоа. Друго, чуму „правдољубивата“ Лукаревска молчеше две години за да каже што мислела за нежниот дриблинг и аздис на Артан Груби по кацелариите? ДУИ сама ли го смени името, ја донесе двојазичноста, со европско знаменце го смени неевропскиот Кривичен законик, испозатвори патриоти како терористи, украде милиони од Фонд за иновации, местеше тендери и ја тераше катастрофално ковид-кризата? Премногу товар за единствениот виновник Алија, а премалку аргументи и олеснителни околности за Филипче и СДСМ. Прикаска за НЕсподелена одговорност која не поминува…
Четврто, обидите за дигање на разочараното членство, кое е јавна тајна дека се почесто чука на вратата на ЗНАМ и помалку на Левица, преку ступидни хвалоспеви за државничкиот капацитет на Заев во мемоарите на Меркел е ултра-патетичен обид на Забрчанци и компанија, потег кој единствено – успеја да созаде потсмев и ругање на социјалните мрежи и маалските кооперации. Никој нормален не „падна“ на финтата, само се запрашаа како можело една Меркел да биде толку неинформирана за да даде таква погрешна констатација за најголемиот политички параспур на денешницата, во светски рамки. На иста „статива“ и реакција кај граѓаните наиде и функцијата на Рада Прада во Алијансата, еден од најнеомилените политички ликови во Македонија.
Препораката на граѓаните по социјалните мрежи е СДСМ најпрво јавно, јасно и гласно да си се извини за сите сторени зла, почнувајќи од транзицијата, промената на знамето, прифаќањето на Привремената спогодба, територијалната поделба и етнички инженеринг во 2004-та, промената на името и непочитувањето на Референдумот, носењето на Законот за двојазичност, балансерот, Договорот со Бугарија, прифаќањето на Францускиот предлог кој сега ЕУ ни го трие на нос, зулумите со притворите и затворот за патриотите од 27-ми април и голготата на нивните семејства, како и оние на фамилиите на функционери и министри од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а најголемо извинување се очекува за сета ароганција, арамилак, тендери и опустошување на македонскиот систем и општество, кои најдени на апарати сега полека се враќаат во функција.
Познавачите им препорачуваат на СДСМ наместо да глумат катарзи и нови почетоци, да се фатат за работа, но основаниот страв е дека главната предиспозиција за да бидете дел од партијата на „најубавите, најумните и најспособните“, чии 180.000 гласови вределе повеќе од 560.000 на ВМРО-ДПМНЕ, е да бидете оперирани од работа и труд, па многу поверојатно е дека истите тие нема да се фата за работа, идеи и конструктивност туку ќе продолжат да манипулираат, девалвираат и релативизираат, несветото тројство на Бихаќка, притоа чекајќи ново „волшебно решение“ за да се вратат на власт. Тоа подразбира „шанса“ за нова промена на Устав, знаме, име на држава, можеби и химна. Во позиција на низок старт, се разбира.
Уште поверојатно, каде и да е, ќе се појават нови „бомби“, „Големи ува“, свиркачи и останати УДБА и ОЗНА атавизми, проверени средства од познат и веќе бајат рецепт кој партијата цели три децении го користи за враќање на власт. Да не заборавиме, еднаш искористија и војна.
Сето останато би било неверојатна среќа и „случајност“ за СДСМ, а во овој случај случајноста – која се дефинира како момент кога не се гледаат рацете на оној кој ги придвижува марионетите на социјалдемократската сцена, е промашена инвестиција. Сите знаат дека кукларот е од Муртино. На страна, што „од авион“ на сцената му ѕиркаат и црпнатите рачиња. А, со таков куклар од таков калибар, резултатите се повеќе од предвидливи и јасни. Велат, најголем проблем во светот се толкму луѓето од мал калибар. И големи апетити…
Велат, токму затоа и Чом веќе бил на готовс.
Единственото прашање кое се поставува е само кога ќе го повикаат за да го изгаси светлото на Бихаќка…