Скопје Судот донесе одлука

Поради инаетот на Арсовска, сега ЈСП ќе плаќа и камати за долгот кон приватните превозници (ФОТО)

Во судскиот процес, тужбата за исплата на главниот долг е повлечена, бидејќи во меѓувреме ЈСП целосно го исплаќа долгот, но сепак, казнените камати останале.

Поради инаетот на Арсовска, сега ЈСП ќе плаќа и камати за долгот кон приватните превозници (ФОТО)

Јавното сообраќајно претпријатие никако да ја заврши финансиската голгота со приватните превозници, без кои не може да фукционира градскиот превоз, колку и тоа да го порекнува градоначалничката Данела Арсовска. Всушност, таа го порекнуваше и милионскиот долг кон приватните превозници, за да на крај испадне дека ЈСП навистина им ги должи тие пари.

После долги превирања, јавни препукувања, ароганции, протести, хаос во градскиот сообраќај, долгот сепак е исплатен, но, тоа што остана недокажано е: што со казнетите камати за долгот кои беа дел од тужбата на „Слобода превоз“?

Веројатно и очекувано, Основниот суд Скопје вчера донесе одлука дека ЈСП треба да му исплати на „Слобода превоз“ камати за долгот од 61.812.596 денари (за период од 15.9. 2022 до 18.5.2023 година). Значи, освен што од градската каса им беше исплатен милионскиот долг, во недоличен процес на јавни препукувања, сега Градот ќе треба да плаќа и камати, наместо да не негираше дека постои долг и да го исплати тоа што го должи пред приватните превозници да поднесат тужба, пренеува НетПресс.

Во судскиот процес, тужбата за исплата на главниот долг е повлечена, бидејќи во меѓувреме ЈСП целосно го исплаќа долгот, но сепак, казнените камати останале.

Според пресудата, ЈСП се задолжува на „Слобода превоз“ да му плати законска казнена камата во висина од референтната стапка на НБМ и тоа:
„На платен износ од 82.146 сметано од 15.9.2022 до 28.2. 2023
На платен износ од 9.931.718 денари сметано од 15.9 2022 до 17.3.2023
На платен износ од 411.367 (од 15.9.2022 до 22.3.2023)
На платен износ од 589.487 9 (од 15.10 2022 до 22.3.2023)
На платен износ од18.696.842 (од 15.10.2022 до 22.3.2023)
На платен износ од 968.707 (од 15.10 2022 до 18.5.2023)
На платен износ од25.132.329 ( од15.11.2022 до 18.5.2023)“.

Исто така, „ЈСП се задолжува да му плати на Слобода превоз 7.200 денари како надоместок при доцнење на исполнување на парична обврска и да му ги надомести трошоците во постапката од 272.093 денари“.

НетПрес
НетПрес

„Нетпрес“ побара коментар од градоначалничката за судската одлука и тоа дека дополнителната исплата на камати можеше да биде спречена доколку се исплатеше побаруваниот долг кога приватните превозници почнаа да протестираат. Одговор до објавувањето на текстот, не добиле.

Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град. Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.

Во декември Градот објави два јавни повици за вкупно пет линии, но тие повици пропаднаа затоа што никој не се пријави.

Приватните автобуски превозници во март оваа година објавија дека повторно ќе бидат дел од јавниот превоз во главниот град, откако се договориле со градоначалничката Арсовска да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра.

Бидејќи договорот што Арсовска го потпиша со приватните превозници не беше обелоденет, тогаш советникот од ВМРО ДПМНЕ, Стефан Андоновски рече дека ќе поднесат кривична пријава против градоначалничката, но и против директорот на ЈСП, доколку е договорено да се исплаќаат дополнителни камати за неисплатените фактури кон приватните превозници.

„Ако таа спогодба содржи и камата, зошто законски им следува камата на неисплатените фактури, јас можам да кажам дека ние како советничка група ќе поднесеме кривична пријава и против градоначалничката и против директорот на ЈСП за тие камати, ако се договориле да им ги исплатат дополнителните камати зошто тоа е директно оштетување на Буџетот на Град Скопје. Од Буџетот се даваат пари на ЈСП, а ЈСП ќе треба на превозниците. Ако ЈСП се договори во оваа формална процедура дека ќе им исплати основица од тоа што им должи од ноември до денеска, плус и камата за тој период ние ќе поднесеме кривична пријава за таа разлика“, рече Андоновски.

To top