Ако партиите се усогласат за 8 мај да биде денот на двојните избори, тогаш роковите предвидуваат дека премиерот Димитар Ковачевски има уште два месеца од својот мандат како премиер. Тој својата оставка ќе треба да ја поднесе на 26 јануари за да се формира техничка влада. Претседателот на Собранието на денешниот брифинг со новинарите информира дека изборите според овој роковник се предвидува да се распишат на 28 февруари.
-Ако се претпостави она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив за сите да бидат заедно, регуларни избори, претседателски и парламентарни тогаш роковите се во рамки на минимум 70 и максимум 90 дена од распишувањето на одржувањето на изборите, изборите би се распишале во тој случај меѓу 27 и 28 февруари, вели Талат Џафери.
Џафери нагласи дека политичките партии заеднички треба да го изберат датумот на изборите. Тој претходно им даде рок на почетокот на декември да се состанат во Собранието за да постигнат формален договор за на 8 мај да се одржат редовните парламентарни и вториот круг на претседателските избори. Извесно е дека оваа средба би можела да се случи нешто по 10 декември.
-Ако се одржат заедничките избори на 8 мај, а како резултат на Пржинскиот договор, техничка Влада би требало на крајот на јануари да е избрана. Значи 27 – 28 јануари да се избере техничка Влада. Тоа се роковите во однос на она што би бил конкретниот датум за избори, доколку е 8 мај, вели Талат Џафери.
Во рамките на подготовката на изборниот процес, треба да се избере и нов член на Државната изборна комисија која треба да биде од редовите на опозицијата. Џафери вели дека за ова место има 4 кандидати но дека собраниската Комисија за избори и именувања треба да одлучи за кандидатот по што ќе треба да оди на избор на собраниска седница. Покрај ова се отвора и нова можност да се испразни уште едно место откако Борис Кондарко кој е член на ДИК се кандидираше за новиот состав на Антикорупциска комисија.