Градот на конзулите уште еднаш се потпиша во својата конзистентност кон бирата, оправдувајќи го податокот дека првата пиварница во Македонија е отворена токму во Битола, во далечната 1890 година.
Фестивалот започна со Работилница за вкус со дегустација на пива на Марјан Костадиновски од SAKAM PIVO-Beershop, со разни пивски предизвици, дегустација на специјални занаетчиски пива од Белгија, Австрија, Германија.., кои што ја следат филозофијата и идеологијата на Слоу Фуд.
По ова, стартуваше Бираријата: целата Рузвелтова беше во знакот на добра забава и сè уште се средуваат впечатоците од енергичниот настап на Паркети, шмекерските Memphis Mafia и ди-џеј Agim Dzelo, кои ја искреираа атмосферата која кулминираше пред полноќ.
Инаку, кога се во прашање настаните што ги организира Слоу Фуд Битола, битолчаните имаат високи очекувања. И тие, како овој пивскиот, се оправдуваат на голема врата.
Инаку, на пивските фестивали најгласни се муабетите за пивото, за вкусовите и навиките, се зборуваше за ИПА, белгиско пченично, стаут, портер, лагер, хелес, АПА, ред ејл, блонд ејл со босилек, темјаника ејл, овошни пива.., што беа дел од „репертоарот“ на пиварите Сакам пиво, Пивара Бакревски, Kurajbeer, Belleza, Birraria e Gjyshit…
Вистински погодок беше спојот на уличната храна со пивото, се јадеа сендвичи со колбаси, бавно печено месо и домашни лепчиња, што ги приготвуваа Food Republic, Mr. Boulevard hot-dog и Конец.
БИРАРИЈА 2024 беше поддржана од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Слоу Фуд Битола како организатор упатува благодарност до Еврејската заедница која го поддржа настанот отстапувајќи го за користење дворот на Пионерскиот дом. Преубавиот простор всушност беше срцето на настанот, кое заедно со гостите пулсираше до доцна во ноќта.
Благодарност за подршката искажуваме и до Општина Битола, за логистиката до Стентон Градба, како и до Работничкиот Универзитет Крсте Петков Мисирков и до Ј.П. Комуналец Битола.
Се гледаме на следното издание на БИРАРИЈА.