Не треба во недоглед да бараме кривица во кого било за состојбите во Град Скопје, кривицата на крајот на денот е во менаџерот кој добил шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за своите граѓани. Верувам дека ќе смогне сили и ќе најде начин Арсовска да се надмине себеси и својата суета и конечно да поднесе оставка на функцијата градоначалник на Град Скопје што ќе биде добро за нејзе, но пред се за сите скопјани, порача претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Доколку не го направи тоа, како што најави, ЗЕЛС е подготвен да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат ингеренциите на Арсовска.
– Сите барања од страна на градоначалничката Данела Арсовска во пракса нема ништо да променат и се да и се овозможи од она што го бара не верувам дека Град Скопје ќе има некаков напредок и исчекор. За жал скопјани се заложници во моментов на еден човек кој има проблем со себе и на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе си и да си го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка, рече Ѓорѓиевски во одговор на новинарско прашање на паузата на јавната дискусија за предлог законите за административни службеници во ЗЕЛС.
Тој нагласи дека Арсовска нема поддршка ни од нејзините соработници, а директорите на јавните градски претпријатија ги менува по неколкумина на шест месеци.
-Станува збор за една личност која е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. И беше понудена рака од страна на Владата и ништо не прифати. Влезе на состанокот со министерот за локална самоуправа и премиерот неподготвена. Не верувам дека нешто ќе се среди во наредниов период, а верувам дека за жал ќе продолжи голготата и затоа единствен излез е Арсовска да си поднесе неотповиклива оставка и да се оди со нови избори за Градот Скопје затоа што проблемите и последиците се далекусежни и не се само за јавниот градски превоз, туку и за Водовод и канализација, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, практично во функционалноста на секое јавно градско претпријатие, потенцира Ѓорѓиевски.
Нагласи дека и доколку се сервисираат 30–те автобуси како што бараше Арсовска, повторно нема да бидат доволни за да се покрие дефицитот за летниот распоред на Јавното сообраќајно претпријатие, а камо ли од 1 септември кога ќе почне школската година.
Потсети дека сите скопски градоначалници неодамна на состанок излегоа едногласно со заеднички став и апелираа до Владата да се премине кон одземање на ингеренциите на Арсовска, што, како што рече, во моментов е законски неприменливо да се преземе.
-Но, не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори да се спроведе во пракса зашто е недопустливо и понатаму да се случува она што се случува во градот. После два три поста на градоначалничката и наводно средување на состојбите поврзани со Комунална хигиена повторно градов е депонија и тоне во отпад. Затоа ние како група сме подготвени да иницираме и измени во законот доколку е потребно тоа се со цел да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани, истакна Ѓорѓиевски.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека би поддржал какви било законски измени во кој било закон за да се реши состојбата во Скопје.
-Мора барањето на ЗЕЛС да го гледаме по два основи. Прво е правниот основ согласно постојните законски решенија, бидејќи законски утврдените овластувања кои ги има Градот, а се предочени во членот 22 од Законот за локална самоуправа не може да бидат одземени. Токму тоа е законското ограничување кое го спомна претседателот на ЗЕЛС. Втората основа е што од тоа и како ќе биде спроведливо во пракса, појасни Прински.
Нагласи дека се бара инстант решение, бидејќи градот тоне во смет на 40 степени Целзиусови што,според него, претставува загрозување на животот и безбедноста на граѓаните и непостапување согласно законски утврдените надлежности.
– И да земеме ова да го решаваме на начин по укажувањето од страна на градоначалниците потребно е време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека доколку влеземе во оваа авантура не можеме утре да го решиме прашањето и затоа апелиравме како Влада. Системот на функционирање на Градот Скопје е менаџментот на Градот Скопје и Советот на Градот Скопје. Таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме секојдневно, порача Перински.