Вести лекарите и стручњаците се загрижени

Велика Британија: Едно од пет деца има потреба од психолог и поддршка

На околу шест деца во секоја училница во Велика Британија им е потребна поддршка за нивното психичко здравје, а многу од нив се соочуваат со проблеми кога се обидуваат да ја добијат потребната помош од психолог, предупредуваат британски стручњаци.

Велика Британија: Едно од пет деца има потреба од психолог и поддршка

Британската асоцијација за ментално здравје на деца и млади луѓе предупредува дека децата и младите лица се соочуваат со „огромни предизвици“ кога се обидуваат да добијат психолошка поддршка, бидејќи се поставени многу високи прагови за едно младо лице или дете дури и да биде упатено на дополнителна стручна помош. Честопати им се одбиваат професионалните препораки, се наведува, а и листите на чекање се долги. Британскиот психолог Ејми Вајтлок Гибс, претседател на Здружението за ментално здравје на децата и младите, смета дека сега е клучно време за подобра грижа за децата и младите.

– „Совршената бура“ – спој од корона-пандемијата, продлабочувањето на нееднаквоста во општеството и децениската неактивност доведоа до состојба во којашто барањата го надминуваат капацитетот на услугите. Тоа ги остави бебињата, децата, младите луѓе и нивните семејства без поддршката што им е толку потребна. Не може повеќе да прифаќаме лажни ветувања за промени бидејќи тие резултираат со малку или без конкретни потфати. Претстојните општи избори се огромна можност да се насочи вниманието на менталното здравје, нагласи Гибс.

Здружението што се состои од 200 организации, меѓу кои и добротворни здравствени установи, посочува дека властите ќе мораат сериозно да се справат со подобрување на менталното здравје на младите луѓе во земјата.

Ова значи повеќе инвестиции во психолошката поддршка, подобра рана поддршка штом се појават проблеми, поголема грижа за менталното здравје во сите образовни установи и реформа на Законот за ментално здравје и заштита на правата на децата. Во новиот манифест на Асоцијацијата, во којшто се наведени чекорите што треба да ги преземат надлежните власти за заштита на менталното здравје на децата, се наведува дека во 2023 година секое петто дете и млад човек на возраст 8 – 25 години ќе се соочи со проблеми со психичкото здравје.

Авторите сметаат дека менталното здравје, едноставно – постепено „излезе“ од агендата на политичарите, поради што лекарите и стручњаците се загрижени.

Во истовреме, Националната здраввствена служба во Англија – НХС соопшти дека тие „имаат распоредено 400 тимови за ментално здравје во училиштата и колеџите, што е сѐ уште премалку, но сепак повеќе од една третина од учениците и студентите имаат пристап до поддршка во училниците, а сто дополнителни тимови се обучуваат за помош“.

НХС е една од четирите гранки на Националната здравствена служба во Обединетото Кралство.

To top