Неколку земји од Персискиот Залив денеска соопштија дека пресретнале напади од Иран, по извинувањето и ветувањето на Техеран дека нема да ги напаѓа, пренесува ДПА.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно денеска се извини за нападите и рече дека Иран нема да ги напаѓа соседните држави доколку нападите врз Иран не потекнуваат од нивна територија.
Кратко по изјавата на Пезешкијан, Министерството за одбрана на Катар соопшти дека неговите вооружени сили пресретнале ракета насочена кон богатиот со енергија емират. Не се пријавени жртви или штети. Катар е домаќин на базата Ал Удеид, најголемата американска воена инсталација на Блискиот Исток.
Сирените за тревога денеска се огласија и во Бахреин, предупредувајќи за воздушни напади во земјата, каде што се сместена Петтата флота на американската морнарица.
Бахреин соопшти дека пресретнал и уништил 86 ракети и 148 беспилотни летала од почетокот на нападите.
Во меѓувреме, и Обединетите Арапски Емирати објавија дека реагирале на беспилотни летала и ракети што доаѓале од Иран.
Министерството за одбрана на земјата соопшти дека воздушната одбрана денеска пресретнала 15 од 16 балистички ракети и 119 од 121 беспилотни летала.
Претходно, Саудиска Арабија објави дека пресретнала серија беспилотни летала насочени кон огромното нафтено поле Шајба, како и две балистички ракети испукани кон воздухопловната база Принц Султан во близина на главниот град Ријад.
Уште два беспилотни летала се уништени источно од Ријад, соопшти Министерството за одбрана на Саудиска Арабија.
Иран изврши повеќекратни одмазднички напади врз арапските земји од Персискиот Залив откако САД и Израел започнаа бомбардирање на Иран пред една недела.