Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Ројтерс изјави дека трилатерален состанок со американскиот и рускиот претседател би бил единствен начин за решавање на преостанатите прашања за територијата и безбедносните гаранции за Киев, за да се постигне мировен договор со Москва.
Според него, Русија очекува САД да изгубат интерес за Украина, како и оти ако има застој во мировните преговори Вашингтон ќе престане со своите заложби.
Четвртата рунда трилатерални преговори, што требаше да се одржи месецов, е одложена поради војната во Иран.
Зеленски наведе дека САД понудата за безбедносни гаранции ја условуваат со повлекување на украинските сили од Донбас.
– Американците се подготвени да ги финализираат овие гаранции на високо ниво кога Украина ќе биде подготвена да се повлече од Донбас, истакна Зеленски, додавајќи оти повлекувањето на украинските сили од Донбас би ја загрозило безбедноста на Украина, а со тоа и на Европа, бидејќи на Русија би и препуштиле силни одбранбени позиции во регионот.
Украинскиот претседател истакна дека нерешени остануваат две витални прашања – кој би помогнал во финансирањето на купувањето оружје за Украина, за одржување на нејзината воена моќ за одвраќање и како би реагирале нејзините сојузници во случај на каква било идна руска агресија.