Свет

Зеленски: Од примирјето за време на ЛОИ корист ќе има само Русија

Макрон се залага за примирје ширум светот за време на Летните олимписки игри, што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

Зеленски: Од примирјето за време на ЛОИ корист ќе има само Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека ја отфрлил идејата на шефот на француската држава Емануиел Макрон за „примирје“ со Русија за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

Според Зеленски примирјето „ќе му користи на непријателот“.

– Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на (рускиот претседател Владимир) Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да донесе трупи на нашата територија, посочи Зеленски.

Макрон се залага за примирје ширум светот за време на Летните олимписки игри, што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

Зеленски во интервјуто за АФП наведе и дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

– Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје. Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

– Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

– Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски.

To top