Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска повтори дека е „можно да се постигне траен и достоинствен мир“ со Русија и дека очекува САД „да останат посветени на обезбедувањето услови за дијалог“.
„Веруваме дека е подготвен билатералниот документ со САД за безбедносни гаранции (Украина по војната) и имаме намера да продолжиме со суштинската работа на документите поврзани со реконструкцијата и економскиот развој“, рече Зеленски во редовната дневна порака до граѓаните што ја објавува на социјалните мрежи.
Мерките за смирување на ситуацијата, кои стапија во сила минатиот петок навечер, помагаат во зајакнувањето на довербата на луѓето во процесот на преговори и во можниот исход, додаде Зеленски.
По кампањата на руски воздушни напади што сериозно го оштетија енергетскиот сектор на Украина, Кремљ минатата недела објави дека на барање на американскиот претседател Доналд Трамп, се согласил да се воздржи од напади врз Киев, потсетува парискиот весник „Ле Монд“, додавајќи дека Трамп „лично“ го испратил тоа барање до рускиот претседател Владимир Путин поради екстремно ниските температури во Украина.
Зеленски денеска потврди дека по таа објава, руските напади врз енергетскиот сектор на Украина престанале, но дека Москва ги пренасочила нападите врз логистиката и железничката мрежа. Последните големи напади врз Украина беа на 24 јануари.
Русите, Украинците и Американците неодамна започнаа разговори во Абу Даби за мировниот план на Трамп, а ќе ги продолжат во среда и четврток.