Директните напади меѓу Израел и Иран завршија и Техеран нема да одговори на денешниот наводен израелски напад, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименуван разузнавачки извор во регионот.
Според истиот извор, Иран нема да одговори на денешниот наводен напад врз иранскиот град Исфахан.
Американски функционер претходно денеска изјави за Си-Ен-Ен дека Израел го нападна иранскиот град Исфахан како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 13 април, а иранските медиуми објавија дека три беспилотни летала биле соборени над Исфахан.
Иран го нападна Израел на 13 април со околу 300 беспилотни летала и проектили како одмазда за израелскиот напад врз конзулатот во Дамаск на 1 април, во кој загинаа командантот на иранската револуционерна гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и петмина полицајци кои ги придружувале. (МИА)