Алкохолните пијалоци да се продаваат само со предупредување за опасност од онколошки заболувања, изјави денеска Вивек Мурти, главен лекар на САД.
Тој нагласи дека употребата на алкохол ги зголемува ризиците од развој на најмалку седум видови рак, вклучувајќи рак на дојка, дебело црево и црн дроб. Притоа, тој истакна дека голем дел од населението не е свесно за оваа опасност.
Главниот хирург на САД ги повика властите повторно да ги разгледаат препораките за ограничување на употребата на алкохол.
-По пушењето и дебелината, конзумацијата на алкохол е трета по значење превентабилна причина за рак во САД, се наведува во изјавата на канцеларијата на Мурти. Во документот се појаснува дека не е важно како вид на алкохол се конзумира.
Производителите на алкохол и индустриските асоцијации засега не го коментираа соопштението на Мурти.
Овие препораки продолжуваат традицијата создадена од неговите претходници, почнувајќи со извештајот од 1964 година кога за првпат пушењето се поврза со ракот.
Во САД, алкохолните пијалаци се продаваат со предупредувања на етикетата, вклучувајќи и предупредување дека конзумирањето алкохол за време на бременост може да предизвика вродени болести кај детето.
Експертите имаат различни мислења за ваквите предупредувања.
-Предупредувачките натписи нема веднаш да бидат фатален удар за производителите на алкохол, но ќе ги влошат долгорочните закани за индустријата, смета Блејк Дреш, аналитичар во „eMarketer“.
Брус Скот, претседател на Американската медицинска асоцијација, ги поздрави напорите на главниот лекар да ја разјасни врската меѓу употребата на алкохол и ризикот од рак. Според него, заедно со ажурирање на предупредувачките натписи, ова може „да ја зголеми свеста, да го подобри здравјето и да спаси животи“.
Во консултативниот извештај на главниот лекар се наведува дека алкохолот е причина за 100.000 случаи на рак и 20.000 смртни случаи од рак годишно во САД. Уште повеќе, се оценува дека во сообраќајни несреќи поради употреба на алкохол во САД годишно гинат 13.500 лица.