Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји на средбата со севернокорејската колешка Чое Сонг-хуи во Пекинг, истакна дека одржувањето, зајакнувањето и развојот на билатералните односи отсекогаш биле непоколеблива стратешка насока на Кинеската комунистичка партија и кинеската влада, јави Кинеската новинска агенција Синхуа.
Ванг наведе дека на средбата помеѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, за време на воената парада во Пекинг, беше историски состанок на кој е постигнат важен консензус.
– Кина и Северна Кореја треба да ги спроведат одлуките на двајцата лидери, да го подигнат нивото на нивната стратешка комуникација и да ги консолидираат своите размени и соработка, наведе Ванг.
Како што јави Севернокорејската новинска агенција КЦНА, Чое ја пренесе пораката од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун дека билатералните односи помеѓу двете земји се непроменливи и треба да се развиваат за да ги задоволат барањата на времето.
Средбата на двајцата министри за надворешни работи е пред посетата на Си на Јужна Кореја, каде ќе присуствува на Самитот на Азиско-пацифичката соработка закажан за 31 октомври и 1 ноември во Гјонгџу. На Самитот се очекува да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.