Трилатералниот состанок за постигнување мировен договор за Украина продолжи денеска во Абу Даби, со учество на украинската, руската и американската делегација, јавија светските агенции, повикувајќи се на упатени извори.
Денешниот состанок за Украина во Абу Даби исто така ќе се одржи зад затворени врати, како и вчерашниот, јавија агенциите, повикувајќи се на неименуван извор.
Изворот рекол дека форматот на состанокот е избран во согласност со трите страни – Украина, Русија и Соединетите Американски Држави, при што САД посредуваат во мировните преговори. Изворот навел дека во Абу Даби се одржуваат низа состаноци во различни формати.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека трилатералните разговори меѓу САД, Украина и Русија, одржани синоќа во Абу Даби, биле продуктивни и ќе продолжат денеска.
Главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров, синоќа изјави дека разговорите биле фокусирани „на условите за завршување на војната што ги постави Русија и на логичните следни чекори во процесот на преговори насочени кон достоинствен и траен мир“.