Претстојната ноќ се очекува да биде најстудената во Романија оваа зима, соопшти Националната метеоролошка администрација на земјата.
Во Букурешт се прогнозира пад на температурите до минус 14 степени Целзиусови, а снежната покривка би можела да достигне до 15 сантиметри. Во 10 часот по локално време во романската престолнина беа измерени минус седум степени, при што е прогласен жолт метеоаларм за опасни временски услови.
Студен бран ја зафати земјата и во ноќта меѓу саботата и неделата, кога беа регистрирани неколку температурни рекорди – минус 20 степени во Сату Маре и минус 16 степени во Орадеа, каде што реката Кришул Репеде замрзна за првпат по 40 години.
Поради отежнатите зимски услови, пожарникарските служби во петокот, саботата и неделата интервенирале во околу 5.000 вонредни ситуации на национално ниво. Во изминатите 24 часа, планинските спасувачи спасиле вкупно 75 лица.
Во Букурешт, заледените улици и булевари предизвикаа бројни повреди, при што близу 100 лица побарале лекарска помош во последните денови поради скршеници и нагмечувања, јавуваат локалните телевизии.
Жителите на романската престолнина се соочуваат и со проблеми во снабдувањето со топла вода и греење, при што речиси 40 проценти од зградите имаат прекини во услугата.
И покрај тешките услови, снегот донесе радост кај најмладите. Вчера, до доцна вечерта парковите во Букурешт беа полни со деца и родители кои се санкаа, се играа со снежни топки и правеа снешковци.