Двајца припадници на обезбедувањето на аеродромот во Хонг Конг загинаа рано утрово кога товарен авион „Боинг 747“, кој полетал од Дубаи, се лизнал од пистата, удрил во нивното патролно возило и го турнал во морето, соопштија аеродромските власти.
Потоа авионот завршил во вода и делумно потонал, а сите четворица членови на екипажот успеале безбедно да се евакуираат, објави Ројтерс.
Двајца обезбедувачи загинале
Еден обезбедувач починал на местото на настанот, додека другиот им подлегнал на повредите во болница, изјави директорот за операции на Аеродромската управа во Хонг Конг, Стивен Ју.
Летот на „Боинг 747“ го управувал турскиот товарен превозник ACT Airlines во име на „Емирати“, а несреќата се случила околу 3:50 часот по локално време (19:50 часот по Гринич).
Според официјалните лица, патролното возило се движело по дозволената патека надвор од оградата на пистата.
„Не влегло во пистата, ниту ги надминало своите овластувања“, рече Џиу, додавајќи дека авионот одеднаш свртел налево по слетувањето и го удрил возилото, што, забележа тој, „не било нормална траекторија“.
New footage of the Air ACT 747 that ran off the runway at Hong Kong International Airport this morning. pic.twitter.com/3tHlBwruwu
— OSINTtechnical (@Osinttechnical) October 20, 2025
Немало повик за помош пред несреќата
Контролата на воздушниот сообраќај не добила никакви повици за помош пред несреќата, потврди Ман Ка-чаи, раководител на истрагите во Одделот за истрага на воздушни несреќи во Хонг Конг.
„Скршнал од пистата и завршил во морето“
Во видеото од комуникацијата со пилотот, кое е објавено на веб-страницата LiveATC.net, не се споменуваат технички проблеми пред слетувањето. Управата за цивилно воздухопловство на Хонг Конг потврди дека авионот „скршнал од северната писта по слетувањето и завршил во морето“.
Управата на аеродромот изјави дека операциите не биле прекинати и дека јужната и централната писта се уште се во функција. Северната писта, каде што се случила несреќата, ќе биде повторно отворена по завршувањето на безбедносните проверки. Администрацијата на аеродромот најави целосна поддршка за семејствата на жртвите, кои, како што е наведено, работеле на аеродромот седум и дванаесет години.