Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска изјави дека 2026-та ќе биде „голема година“ за односите меѓу Кина и САД.
Тој рече дека и покрај многуте разлики, „двајцата шефови на држави лично одржувале добра размена на највисоко ниво“, обезбедувајќи ниво на „стратешка гаранција“ за билатералните односи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, треба да го посети Пекинг кон крајот на март, а Ванг Ји, иако не ја потврди посетата, посочи дека Пекинг сака „помалку напнати односи“ со Вашингтон.
– Агендата за разговори на високо ниво е веќе на нашата маса. Она што треба да се направи сега е двете страни да извршат темелни подготовки, да негуваат соодветна атмосфера, да управуваат со постојните разлики и да ги елиминираат непотребните пречки, истакна Ванг.
Тој додаде дека ставот на Кина „отсекогаш бил позитивен и отворен“, но дека е клучно „американската страна да излезе во пресрет“.
Кина и САД имаат нестабилни односи со години, особено откако Трамп започна трговска војна со Пекинг за време на неговиот прв мандат. Двете супер сили имаат различни ставови и околу актуелните глобални прашања – војната во Украина и кризата на Блискиот Исток по американско-изралексите напади врз Иран.