Украина се договори со западните партнери дека секое руско кршење на идниот договор за прекин на огнот ќе предизвика координиран воен одговор од Европа и САД, јави денеска „Фајненшл Тајмс“ (Financial Times), повикувајќи се на информирани извори.
Украински, европски и американски функционери во декември и јануари неколку пати разговарале за планот, а тој би вклучувал одговор во повеќе фази на секое руско кршење на договореното примирје, се наведува во извештајот.
Претставници на Киев, Москва и Вашингтон ќе се сретнат во Абу Даби утре и задутре на разговори за ставање крај на војната.
Според предлогот, секое руско кршење на примирјето би предизвикало одговор во рок од 24 часа, почнувајќи со дипломатско предупредување и, доколку е потребно, акција на украинската војска за да се запре кршењето, наведува весникот.
Доколку непријателствата продолжат понатаму, предлогот би преминал на втора фаза на интервенција со користење на сили на таканаречената „коалиција на подготвените“, која вклучува многу членки на ЕУ, како и Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд и Турција, се вели во извештајот.
Извештајот додава дека во случај на проширен напад, координираниот одговор на силите поддржани од Западот, вклучувајќи ја и американската војска, би се активирал 72 часа по почетното кршење.