Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, денеска побара од иранските власти веднаш да го прекинат насилството и репресијата врз мирните демонстранти и да го вратат целосниот пристап до интернет и телекомуникациските услуги.
-Убиството на мирни демонстранти мора да престане, а етикетирањето на демонстрантите како „терористи“ за да се оправда насилството врз нив е неприфатливо. Како што неодамна видовме во 2022 година, големи делови од иранското население излегоа на улиците, барајќи фундаментални промени во управувањето со нивната земја. И уште еднаш, одговорот на владата е да употреби брутална сила за да ги потисне легитимните барања за промени, пренесе Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права преку соопштение.
-Исто така е исклучително загрижувачки да се видат јавни изјави од некои судски службеници кои укажуваат на можноста смртната казна да се примени врз демонстрантите преку забрзани судски постапки, додаде Турк.
Високиот комесар изјави дека е ужаснат од „зголеменото насилство од страна на безбедносните сили против демонстрантите низ Иран“ и дека извештаите укажуваат дека „стотици луѓе се убиени, а илјадници се уапсени“.
Тој додаде дека „циклусот на ужасно насилство“ во Иран не смее да продолжи и дека барањата на иранскиот народ за праведност, еднаквост и правда „мора да бидат слушнати“.
Турк изјави дека сите убиства, насилство врз демонстрантите и други кршења на човековите права мора да бидат истражени во согласност со меѓународните норми и стандарди за човекови права, а сторителите мора да бидат повикани на одговорност, се наведува во соопштението.