Танкерот MidVolga-2 под руско знаме „пријави дека е нападнат на 80 наутички милји (околу 148 километри) од турскиот брег на Црното Море додека бил на пат од Русија кон Грузија со товар сончогледово масло“, соопшти денеска турската Дирекција за поморски работи, додавајќи дека „сите 13 членови на екипажот се безбедни и неповредени“ и оти бродот не побарал помош.
Како што пренесоа светските агенции, MidVolga-2 во моментов плови кон турското пристаниште Синоп со сопствен погон.
Овој најнов инцидент доаѓа по два напада со дронови за кои Украина презеде одговорност во ексклузивната економска зона на Турција во петокот и саботата. Тие напади беа насочени кон танкери кои припаѓаат на руската флота „во сенка“, која е под западни санкции, но продолжува да извезува руска нафта.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера го осуди „загрижувачкото заострување“, наведувајќи дека „конфликтот меѓу Русија и Украина очигледно достигна ниво што ја загрозува безбедноста на пловидбата во Црното Море“.
– Внимателно го следиме развојот на настаните меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на конфликтот и подготвени сме да придонесеме во секоја прилика, рече Ердоган додека продолжуваат преговорите за американскиот план за решавање на конфликтот во Украина.