Турција почна воздушни напади врз цели на курдските милитанти во Сирија и Ирак, откако ја обвини Курдистанската работничка партија (ПКК) за смртоносниот напад врз седиштето на турската национална воздухопловна компанија во средата, во кој бројот на загинатите порасна на седум.
Турската Национална разузнавачка организација соопшти дека гаѓала голем број „стратегиски локации“ што ги користела ПКК или сириските курдски милиции поврзани со милитантите, јавува агенцијата Анадолу.
Целите вклучуваат воени, разузнавачки, енергетски и инфраструктурни објекти, како и складишта за муниција, се вели во извештајот. Официјален претставник за безбедност изјави дека во денешните напади биле користени оружени дронови.
Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите во четвртокот соопштија дека во турските воздушни напади се убиени 12 цивили во североисточна Сирија, по смртоносниот напад врз одбранбена фирма во близина на турскиот главен град Анкара.
„Во текот на изминатите часови… во новиот бран турски напади врз северна и источна Сирија се убиени 12 цивили, меѓу кои две деца, а рани 25-мина“, се вели во соопштението на СДФ, кои се поддржани од Соединетите Држави.
„Покрај населените области, турските авиони и беспилотни летала гаѓаа пекарници, електрани, нафтени постројки и контролни пунктови на курдската служба за внатрешна безбедност“, се додава во соопштението.
Во средата, турските воздухопловни сили извршија напади врз слични цели во северна Сирија и северен Ирак, само неколку часа откако турските владини претставници ја обвинија ПКК за смртоносниот напад врз седиштето на воздухопловната и одбранбена компанија Тусаш.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека во воздушната офанзива биле уништени повеќе од 30 цели.
Нападот на Тусаш се случи кога двајца напаѓачи – маж и жена – пристигнаа во седиштето на компанијата со такси, кое го украле откако го убиле возачот, според медиумите.
Вооружени со автоматски пушки, двајцата активирале експлозив и отвориле оган, при што убија четири лица во компанијата, меѓу кои еден член на обезбедувањето и еден машински инженер.
Безбедносните екипи беа испратени веднаш штом започна нападот околу 15:30 часот по локално време, рече министерот за внатрешни работи. Загинаа и двајцата напаѓачи, а повеќе од 20 луѓе беа ранети во нападот.
Тусаш дизајнира, произведува и склопува цивилни и воени авиони, беспилотни летала и други системи за одбранбената и вселенска индустрија. Нејзините одбранбени системи се заслужни за тоа што Турција стекна предност во борбата против курдските милитанти.
Нападот дојде еден ден откако шефот на десничарската националистичка партија, која му е сојузник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ја спомена можноста затворениот водач на ПКК да добие условна слобода доколку се откаже од насилството и ја растури својата организација.
ПКК, под водство на Абдула Очалан, се бори за автономија во југоисточна Турција во конфликт што однесе десетици илјади животи од 1980-тите. Таа се смета за терористичка организација во Турција и меѓу западните сојузници на земјата.