Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека САД планираат директни разговори со Иран, пренесе ДПА.
-В сабота ќе имаме многу голема средба на која директно ќе се договараме со нив, рече Трамп, додавајќи дека разговорите меѓу двете земји ќе бидат „речиси на највисоко ниво“, пренесе германската агенција .
Во меѓувреме, Трамп рече дека разговорите се веќе во тек. Американскиот претседател ги даде коментарите на маргините на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој вчера беше во посета на Белата куќа.
Трамп предупреди на последиците што ќе ги има Иран доколку преговорите не успеат.
-Мислам дека ако разговорите не бидат успешни, Иран ќе биде во голема опасност, рече Трамп.
„Иран не може да има нуклеарно оружје и ако разговорите не бидат успешни, всушност мислам дека тоа ќе биде многу лош ден за Иран“, додаде тој.
Нетанјаху, исто така, нагласи дека Техеран не смее под никакви околности да се здобие со нуклеарно оружје.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан неодамна ги отфрли директните преговори за нуклеарната програма на земјата со администрацијата на Трамп, велејќи наместо тоа дека Техеран е отворен за индиректни преговори.
Иран не се противи на преговорите, рече тој, но САД мора прво да го исправат своето „недолично однесување“ од минатото и да создадат нова основа за доверба.
Во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп еднострано се повлече од Виенскиот нуклеарен договор што имаше за цел да ја ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за укинување на санкциите. Оттогаш, Техеран, исто така, престана да се придржува до условите од договорот.
Во писмото доставено до иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи во март, Трамп рече дека Техеран мора или да преговара за нов нуклеарен договор или да се соочи со воено решение.
Иран се соочува со најтешката економска криза во својата историја како резултат на меѓународните санкции. Според набљудувачите, само директните преговори меѓу државата богата со нафта и администрацијата на Трамп би можеле да доведат до укинување на санкциите.