Атентатот на Доналд Трамп „засекогаш го промени“ поранешниот американски претседател и републикански кандидат за претстојните избори, изјави неговиот син Доналд Трамп помладиот.
Трамп за влакно ја избегна смртта на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија во саботата, кога куршумот на атентатор му го повреди увото, промашувајќи ја целта за неколку сантиметри.
Напаѓачот уби еден од учесниците на митингот и рани двајца други пред да биде убиен од снајперисти на Тајната служба.
На маргините на Републиканската национална конвенција (РНЦ) во Висконсин, Доналд Трамп помладиот за „Аксиос“ изјавил дека во моментот на атентатот ловел риба, а за настаните го информирала неговата вереница.
„Ким ми се јави (и рече): „Татко ти е застрелан“, рече Трамп Џуниор, додавајќи дека „поминаа 90 минути пред воопшто да дознаам дека е жив“.
Трамп се крена на нозе речиси веднаш откако беше застрелан и со крената тупаница извика „борба!“ пред да биде одведен од агентите на Тајната служба.
Сепак, пркосот на Трамп очигледно отстапи место за попомирувачки пристап кон политиката.
Говорејќи за „Њујорк пост“ во неделата, републиканскиот претседателски кандидат рече дека напишал „исклучително остар говор… за корумпирана, ужасна администрација“, но дека „го отфрлил“ и почнал да работи на говор за „обединување на земјата“ по атентатот.
„Знаете, мислам дека тоа ќе трае“, рекол Трамп Џуниор за очигледната промена во темпераментот на неговиот татко, додавајќи дека „има настани кои ве менуваат на неколку минути, а има настани кои ве менуваат трајно“.
„Повторно, тоа е Трамп, така што (тој) сè уште ќе биде реакционерен… Тој секогаш ќе биде борец, тоа никогаш нема да се промени, но мислам дека ќе даде се од себе за да го смири тоа каде што треба“, истакна Трамп Џуниор.
Синот на републиканскиот кандидат тврди дека неговиот татко „ќе биде цврст кога треба“.