Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дали Републиканската партија ќе ја задржи контролата над Претставничкиот дом на Конгресот на меѓуизборите следната година, оценувајќи дека ефектите од неговата економска политика сè уште не се целосно видливи, објави „Волстрит журнал“.
Во интервју за весникот, Трамп рече дека не може да предвиди како ќе заврши изборниот циклус во ноември, кога Американците ќе го избираат целиот состав на Претставничкиот дом, една третина од Сенатот и низа државни и локални функционери. „Не можам да ви кажам. Не знам кога целиот тој нов капитал ќе почне навистина да делува“, изјави Трамп, одговарајќи на прашањето дали републиканците би можеле да ја изгубат контролата врз долниот дом на Конгресот.
Тој тврди дека неговата економска политика, која вклучува воведување широк спектар царини за увоз, придонесува за отворање нови работни места, раст на берзите и зголемени инвестиции во Соединетите Американски Држави. Иако минатата година водеше кампања со ветувања за намалување на инфлацијата, во последниот период Трамп наизменично го негира постоењето на проблем со падот на животниот стандард, обвинувајќи го својот претходник Џо Бајден, и уверува дека неговите мерки ќе донесат конкретни придобивки за Американците во текот на следната година.
„Мислам дека до моментот кога навистина ќе зборуваме за изборите, што е за неколку месеци, цените ќе бидат во многу подобра состојба“, изјави Трамп во интервјуто. Минатиот месец тој укина царини за повеќе од 200 прехранбени производи, како одговор на растечката загриженост кај американските потрошувачи поради високите цени на храната. Сепак, не прецизираше дали ќе следуваат дополнителни олеснувања за друга стока.
Според последната анкета на Ројтерс/Ипсос, рејтингот на Трамп пораснал на 41 отсто, но само 31 отсто од испитаниците позитивно го оцениле неговото влијание врз трошоците за живот. Во меѓувреме, демократите забележаа серија победи на државни и локални избори во Вирџинија, Њу Џерси и Њујорк, каде што клучна тема беше загриженоста на гласачите за животниот стандард и високите цени на храната.
Од Белата куќа најавија дека Трамп активно ќе се вклучи во предизборната кампања низ земјата во наредната година, со цел да им даде поддршка на републиканските кандидати и да ги истакне, како што вели, успесите на својата економска политика. Претседателот повтори дека намалувањето на даноците и царините за странска стока, според неговите проценки, ќе донесат повеќе пари во џебовите на американските семејства.