Свет Не му се заканува затворска казна

Трамп на суд: Проценките за вредноста на мојот имот беа неточни

-Тие едноставно не беа многу важен елемент во процесот на одлучување во банките и тоа ќе го објасниме додека трае ова лудо судење, рече Трамп одговарајќи на прашањата на обвинителот.

Трамп на суд: Проценките за вредноста на мојот имот беа неточни

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска сведочеше пред судот во Њујорк каде му се суди за фалсификување вредност на имотот, што може да му наштети на неговиот бизнис со недвижнини.

Трамп рече дека проценките на многу негови имоти биле неточни и се обидел да ги минимизира вреднувањата, за кои обвинителите велат дека биле преувеличани за да добие подобри финансиски услови.

-Тие едноставно не беа многу важен елемент во процесот на одлучување во банките и тоа ќе го објасниме додека трае ова лудо судење, рече Трамп одговарајќи на прашањата на обвинителот.

Трамп во неколку наврати изјави дека случајот против него е политички „лов на вештерки“, а денеска пред неговото сведочење рече дека тоа е обид за поткопување на неговата следна претседателска кандидатура и „политичка војна“.

Обвинителството на државата Њујорк, кое ја покрена постапката, тврди дека Трамп ги измамил кредиторите со фалсификување на вредноста на имотот и дека добил подобри услови за кредити.

Тој ги надувал вредностите на своите терени за голф, станбени згради и други средства, додека многумина одбиле да работат со него. Тие наведуваат дека Трамп на овој начин добил 100 милиони долари и го зголемил своето богатство за вкупно две милијарди. Во постапката веќе сведочеа синовите на Трамп, Доналд Џуниор и Ерик Трамп.

Има уште четири кривични постапки против Трамп, кој е фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година.

Во судскиот процес во Њујорк, на Трамп не му се заканува затворска казна, но неговиот имиџ во деловните кругови може да биде нарушен.  (МИА)

Најнови вести од Свет

To top