Американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше Германија за тоа што не придонесува во напорите за обезбедување на Ормуската Теснина, велејќи дека смета оти е „несоодветно“ германските претставници да кажат дека конфликтот во Иран не е нивна војна, објави ДПА.
За време на состанокот на кабинетот одржан во Белата куќа, Трамп не спомена по име кој германски претставник дал таква изјава, велејќи само дека тоа е коментар од „лидерот на Германија“.
Неколку високи германски претставници дадоа слични изјави во последните денови. Канцеларот Фридрих Мерц изјави за време на посетата на Норвешка дека Германија не е вклучена во војната и не сака тоа да се промени. Министерот за одбрана Борис Писториус и вицеканцеларот Ларс Клингбеил исто така рекоа: „Ова не е наша војна“.
Трамп рече дека одговорил на тој став, истакнувајќи: „Па, ниту Украина не е наша војна“.
Американскиот претседател побара од сојузниците од НАТО да помогнат во обезбедувањето на превозот низ Ормуската Теснина, кој е блокиран од Иран и е клучен за глобалната трговија со нафта и гас. Откако сојузниците не одговорија на неговото барање, Трамп постојано ги критикуваше со најостри зборови. (МИА)