Свет Извештај

„Тоа е чиста фикција“: ТикТок демантира дека кинеската Влада ќе му ја продаде платформата на Маск

Блумберг наведе дека не е јасно како Маск, најбогатиот човек во светот со проценета вредност од повеќе од 400 милијарди долари, ќе ја изврши оваа трансакција и дали ќе мора да продаде некоја од неговите други компании за да го купи ТикТок.

„Тоа е чиста фикција“: ТикТок демантира дека кинеската Влада ќе му ја продаде платформата на Маск

ТикТок го отфрли како „чиста фикција“ извештајот во кој се тврди дека кинеската влада размислува да ја продаде платформата на Илон Маск за да избегне забрана во САД.

Блумберг Њуз објави дека кинеските власти се во прелиминарни разговори за потенцијална продажба, за да се избегне забраната што треба да стапи во сила доколку кинескиот сопственик БајтДенс (ByteDance) не го продаде својот бизнис во САД до 19 јануари.

Во извештајот, во кој се цитираат неименувани луѓе запознаени со ова прашање, се вели дека едно сценарио за кое се дискутира би вклучувало спојување на ТикТок со платформата X на Маск.

Блумберг наведе дека не е јасно како Маск, најбогатиот човек во светот со проценета вредност од повеќе од 400 милијарди долари, ќе ја изврши оваа трансакција и дали ќе мора да продаде некоја од неговите други компании за да го купи ТикТок.

Одговарајќи на извештајот, портпаролот на ТикТок изјави за Ал Џезира дека не може да се очекува да коментираат „чиста фикција“.

Врховниот суд на САД ја разгледува уставноста на евентуалната забрана, откако ТикТок поднесе правен приговор против Законот за заштита на Американците од апликации што ги контролираат други земји (Foreign Adversary Controlled Applications Act).

За време на усните расправи во петокот, судот се чинеше дека е склон да ја потврди забраната, при што повеќето судии не беа убедени во аргументот на ТикТок дека присилната продажба би го прекршила Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја гарантира слободата на говорот.

Претседателот во заминување Џозеф Бајден го потпиша законот за ТикТок во април 2024 година, поради загриженоста за наводните ризици за националната безбедност.

Демократските и републиканските пратеници изразија загриженост дека платформата може да се користи за собирање лични податоци на Американците и манипулирање со јавниот дискурс.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп, чија инаугурација е на 20 јануари, вети дека ќе ја „спаси“ платформата за време на претседателската кампања, што е пресврт од обидот да ја забрани апликацијата за време на неговиот прв мандат. (МИА)

To top