Компанијата ТикТок соопшти дека постигнал договор што ќе ѝ овозможи на популарната апликација за кратки видеа да продолжи да функционира во Соединетите Американски Држави.
Договорот следува по повеќегодишниот спор меѓу Вашингтон и Пекинг, кој започна во првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, кога тој безуспешно се обиде да ја забрани апликацијата поради загриженост за националната безбедност.
Според претходните законски одредби, ТикТок требаше да биде забранет во САД во јануари 2025 година, доколку неговиот кинески сопственик ByteDance не ги продаде американските операции на американски инвеститори. Трамп, меѓутоа, повеќепати ја одложуваше примената на законот за отстранување на апликацијата.
ByteDance соопшти дека го финализирал договорот за формирање заедничко вложување со мнозинско американско сопствеништво, кое ќе ги обезбеди податоците во САД и ќе спречи забрана на апликацијата.
Компанијата наведува дека новиот модел ќе ги заштити податоците на американските корисници, апликацијата и алгоритмите преку мерки за заштита на приватноста и сајбер-безбедноста, но објави малку детали за процесот на издвојување.
Трамп го поздрави договорот на социјалните мрежи, наведувајќи дека ТикТок „сега ќе биде во сопственост на група големи американски патриоти и инвеститори, најголеми во светот“. Тој му се заблагодари и на кинескиот претседател Си Џинпинг за „соработката и одобрувањето на договорот“.
Според договорот, американските и глобалните инвеститори ќе поседуваат 80,1 отсто од уделите, додека ByteDance ќе задржи 19,9 отсто.
Трите главни инвеститори – компанијата Oracle, приватната инвестициска група Silver Lake и инвестициската фирма MGX со седиште во Абу Даби – ќе поседуваат по 15 отсто. (МИА)