Во првата реакција на одлуката на американскиот Стејт департмент да му забрани патувања во земјата, поранешниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон во објава на Икс запраша дали тоа „се врати ловот на вештерки на Мекарти“, алудирајќи на активностите за „борба против комунизмот“ во САД на републиканскиот сенатор Џозеф Мекарти во 50-тите години на минатиот век, кои подоцна беа оценети како неоправдани и со претерани обвинувања.
Во одлуката на Стејт департментот се наведува дека забраната за влез во САД за Бретон и четири други лица од Европа се воведува поради нивните „напори за притисок врз американските технолошки фирми да цензурираат или потиснуваат американски ставови“.
Бретон важи за автор на Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ, кој, меѓу другото, воведе строги правила за големите технолошки компании во врска со заштитата на приватноста, справувањето со дезинформациите, собирањето податоци и спречувањето на говорот на омраза на интернет, што во САД беше оценето како обид за цензурирање на мислењата и ограничување на американскиот ИТ сектор.
– За потсетување: 90 отсто од Европскиот парламент – нашето демократски избрано тело – и сите 27 земји членки едногласно гласаа за Законот за дигитални услуги. До нашите американски пријатели: Цензурата не е таму каде што мислите дека е, наведе Бретон во објавата на Икс.
На американската одлука реагираше и францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, кој ја „остро ја осуди“ забраната за патување во САД на неговиот сонародник Бретон и на уште четворица други Европејци.
– Законот за дигитални услуги беше демократски усвоен во Европа за да се осигури дека она што е илегално офлајн е илегално и онлајн. Тој апсолутно нема никаков екстратериторијален дострел и на никаков начин не ги засега САД, наведе Баро во објава на Икс.
Според него, народите на Европа се слободни и суверени и не можат да дозволат правилата што го регулираат нивниот дигитален простор да им бидат наметнати од други.
Забраната „остро ја осуди“ и Европската комисија, која соопшти дека побарала „појаснување“ од САД за ваквата одлука.
– Слободата на изразување е фундаментално право во Европа и заедничка основна вредност со САД и целиот демократски свет. ЕУ е отворен внатрешен пазар базиран на правила, со суверено право да ја регулира економската активност во согласност со своите демократски вредности и меѓународни обврски, посочи Комисијата.
Според неа, дигиталните правила на ЕУ гарантираат безбедно, фер и еднакво поле за игра за сите компании и се применуваат фер и без дискриминација.
– Побаравме појаснување од американските власти и остануваме во дијалог. Доколку е потребно, ќе одговориме брзо и решително за да ја одбраниме нашата регулаторна автономија од неоправдани мерки, додаде Еврокомисијата.
Во реакцијата се нагласува и дека од суштинско значење за ЕУ е да може да ги заштитиме своите граѓани од онлајн закани, како што се слики од тероризам или злоупотреба на деца.
– Законодавството на ЕУ не цензурира, се потенцира во соопштението на Европската комисија.
Американската одлука во објава на Икс ја осуди и извршна потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални и гранични технологии Хена Виркунен, која нагласи дека дигитални правила на ЕУ беа „демократски утврдени од Европскиот парламент и земјите членки“.
Инаку, покрај Бретон, забрана за патување во САД им е воведена и на главниот извршен директор на Центарот за борба против дигиталната омраза, Имран Ахмед, на лидерите на германската организација „ХејтЕјд“, Јозефине Балон и Ана-Лена фон Ходенберг и на раководителката на Глобалниот индекс на дезинформации (ГДИ), Клер Мелфорд.
Во реакција на одлуката ГДИ, чии седиште е во Лондон, оцени дека таа претставува „авторитарен напад врз слободата на говорот и очигледен чин на владина цензура“.
– Администрацијата на Трамп повторно ја користи целосната моќ на федералната влада за заплашување, цензурирање и замолчување на гласовите што не мислат како неа. Нејзините постапки се неморални, незаконски и неамерикански, наведе организацијата во својата реакција.
„ХејтЕјд“, пак, оцени дека забраната е „чин на угнетување од страна на влада, која сè повеќе го игнорира владеењето на правото и се обидува да ги замолчи своите критичари со сите потребни средства“.
– Нема да не заплаши влада која користи обвинувања за цензура за да ги замолчи оние кои се залагаат за човекови права и слобода на изразување, посочи германската организација.