Претседателот на САД Џо Бајден разговараше телефонски со кралот на Јордан Абдула Втори, за ситуацијата во регионот а по падот на режимот на Башар Асад во Сирија, соопштија синоќа од Белата куќа.
Како што се наведува во изјавата Бајден „ја истакна својата целосна поддршка за процесот на транзиција и управување со Сирија под покровителство на Обединетите нации, а според Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН“.
Бајден и Абдула исто така разговарале за ситуацијата на истокот од Сирија, земајќи ја предвид посветеноста на САД на мисијата за пораз на „Исламската држава“, вклучувајќи ги и нападите извршени минатата ноќ врз кампови на милитанти и локации каде што се наоѓале лидерите на ИД.
-Претседателот ја потврди поддршката на САД за стабилноста на Јордан и централната улога на Јордан во одржувањето на стабилноста и намалувањето на тензиите низ целиот Блиски Исток, се вели во изјавата од Белата куќа.
Од почетокот на граѓанската војна во 2011 година, повеќе од еден милион сириски бегалци пристигнале во соседниот Јордан. Вастите во Аман се надеваат дека ќе избегнат нова бегалска криза по падот на владата на Асад.
Разговорот меѓу Бајден и Абдула се одржа во контекст на посетата на заменик-државниот секретар на САД за политички прашања Џон Бас и помошник-државниот секретар за Блискиот Исток Барбара Лиф во регионот, а за консултации со клучните партнери. Според Стејт департментот, тие вчера се наоѓале во Аман, Јордан, а за време на викендот ќе отпатуваат во Катар.