Денеска е една година откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди повлекување на земјата од Светската здравствена организација (СЗО), само неколку часа по преземањето на функцијата.
Според договорот меѓу САД и агенцијата на ОН со седиште во Женева, повлекувањето треба да стапи во денеска, откако САД го испочитуваа задолжителниот едногодишен рок за известување, пренесе ДПА.
Теоретски, еден од условите за повлекување наведен во договорот не е исполнет бидејќи САД не ги платија своите придонеси во целост како што беше договорено. Сепак, СЗО нема механизми да ги побара парите или да го одбие повлекувањето.
– Се надевам дека САД ќе ја преиспитаат својата одлука и повторно ќе се приклучат на СЗО, изјави генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус во Женева, додавајќи дека со овој потег губат сите.
– Повлекувањето е загуба за САД, а исто така и загуба за остатокот од светот, рече Тедрос, додавајќи дека не станува збор за пари, туку за соработка и солидарност.
СЗО, меѓу другото, поседува системи за рано предупредување за појава на потенцијално опасни болести. Таа исто така го координира составот на вакцините против грип за претстојната сезона, по анализата на патогените кои циркулираат ширум светот.
САД повеќе не учествуваат во ниту една од овие активности. Остатокот од светот сега мора да продолжи без важната американска експертиза.
Гневот на Трамп кон СЗО датира уште од пандемијата на коронавирусот. Тој се обиде да ги повлече САД од организацијата уште за време на неговиот прв мандат. Но, неговиот наследник Џо Бајден стана претседател пред да истече едногодишниот рок и ја поништи наредбата на Трамп.
Трамп ја обвинува СЗО за злоупотреба на средствата и за лошо управување со пандемијата.