Велика Британија и Франција ќе испратат до 15.000 војници за да помогнат во заштитата на Украина во случај на мировен договор, многу помалку од очекуваното, објави Тајмс.
Началниците на британските воени сили наводно првично предложиле испраќање 10.000 војници како дел од пошироката „Коалиција на подготвените“ од 64.000 војници, но ова било оценето како неодржливо во Министерството за одбрана со оглед на моменталната големина на британската армија.
Претпоставката е дека ќе бидат распоредени помалку од 7.500 британски војници, открија два воени извори, иако се очекува дека дури и таа бројка ќе биде тешка за Велика Британија, која има само околу 71.000 обучени војници во својата редовна армија. Французите, исто така, ветија дека ќе испратат војници во Украина, и се очекува тие да го сочинуваат најголемиот дел од распоредувањето, кое ќе биде во релативно безбедниот западен дел од земјата, далеку од линиите на фронтот. Естонија претходно изјави дека е подготвена да испрати неколку стотици војници, потсетува Тајмс.
Неколку извори сугерираат дека дури и вкупна сила од 15.000 е оптимистичка. Германија е подготвена да распореди сили во близина на Украина, евентуално во Полска или Романија, додаде еден воен извор.
Друг дипломатски извор рече дека различни сценарија би резултирале со различни бројки, во зависност од исходот од мировните преговори.
Според планот, британските и француските сили би помогнале во обуката на украинската армија и би ја надгледувале изградбата на „безбедни објекти“ за складирање оружје и воена опрема што би можела да се користи за поддршка на одбраната на Украина.
Британскиот премиер Кир Стармер претходно изјави дека евентуалното распоредување на британски сили во Украина, во согласност со декларацијата потпишана со Париз и Киев, ќе биде ставено на гласање во британскиот Парламент.
„Ќе го известувам парламентот за развојот на настаните и доколку треба да се распоредат војници во согласност со потпишаната декларација, ќе го ставам тоа прашање на гласање во парламентот“, рече Стармер во обраќањето пред пратениците.