Италија во целост ја поддржува Европската комисија додека го подготвува својот одговор на царините на американскиот претседател Доналд Трамп и преговара за да спречи трговска војна, изјави денеска вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани, цитиран од италијанската новинска агенција АНСА.
„Треба да работиме за да избегнеме трговска војна која би била катастрофална за САД и нашите компании“, рече Тајани пред состанокот на Европскиот трговски совет.
„Треба да преговараме, ЕУ треба да преговара обединето. Италија ќе ги поддржи сите иницијативи на комесарот за трговија Марош Шефчовиќ, во кого имаме исклучителна доверба“, додаде Тајани.
Тој повтори дека италијанската Влада нема намера да ја стави Европската комисија „во тешкотии“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска ќе се сретне со министрите чии ресори се засегнати од царините, меѓу кои е и Тајани. На состанокот ќе учествува и другиот вицепремиер, министерот за транспорт Матео Салвини.
Мелони рече дека ќе ја повика ЕУ да го разгледа Зелениот договор и да ги запре ограничувањата во однос на автомобилскиот сектор поради царините.