СЗО наведува дека десетици илјади раселени лица ја користат зградата на болницата и областа околу болницата како засолниште и дека таму има голем недостиг од храна и вода за пиење.
„Оперативните сали не функционираат поради недостиг на гориво, кислород и други залихи“, се наведува во соопштението на СЗО, откако тим на оваа организација заедно со другите агенции на ОН, вчера во болницата успеа да достави медицински материјали.
Тимот на СЗО го опиша одделот за итни случаи во болницата како „место на крвопролевање“, со стотици повредени пациенти и нови пациенти кои пристигнуваат секоја минута.
„На пациентите со трауматски повреди раните им се зашиваат на подот, а во болницата нема лекови против болки“, предупредува СЗО за состојбата во најголемата болница во Газа.
Израел тврди дека во бункери под болницата е сместен командниот центар на палестинската милитантна група Хамас, обвинение кое Хамас и болничкиот персонал го негираа.